Според него, проширувањето на ЕУ е процес базиран на заслуги, а не трка или натпревар меѓу кандидатите. Оние што се движат побрзо не треба да бидат попречени од другите, напротив, тие треба да го одредат темпото и да послужат како инспирација за сите, додава претседателот на Европскиот совет

Ги поздравуваме чекорите на Северна Македонија за зголемување на регионалната поврзаност и се надеваме на вистински напредок во 2026 година. Нивните власти знаат што треба да направат, се наведува во писмената изјава на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, објавена по завршувањето на денешниот Самит ЕУ-Западен Балкан, на кој учествуваше и премиерот Христијан Мицкоски.
Во изјавата Кошта нагласува дека покрај техничките детали на процесот за пристапување кон Европската Унија,, постои фундаментален политички избор што треба да се направи: избор помеѓу останување заробено во минатото или движење напред кон заедничка иднина во Европската Унија, избор помеѓу поделба или помирување и соработка, кои се самите столбови на Европската Унија.
„Тукушто го завршивме нашиот самит со нашите партнери од Западен Балкан. Ова е најзначајната пригода во годината за повторно потврдување на силата на нашите односи. А денешниот самит донесе јасна порака: цврсто ја поддржуваме иднината на Западен Балкан во Европската Унија. Проширувањето останува централно место во нашите заеднички цели. Тоа е вистинскиот избор од три причини: прво, од геополитичка перспектива. Проширената Европска Унија значи побезбедна, посилна и помирна Европа; второ, затоа што проширувањето го зајакнува нашиот заеднички просперитет. Секое претходно проширување го докажа ова; и трето, затоа што Европската Унија останува привлечен и кредибилен проект – и ние мора да ги исполниме очекувањата што ги создава. Проширувањето сега се движи побрзо отколку во последните 15 години. И ние мора да ја искористиме оваа можност“,
наведува Кошта во писмената изјава.
Според него, проширувањето на ЕУ е процес базиран на заслуги, а не трка или натпревар меѓу кандидатите. Оние што се движат побрзо не треба да бидат попречени од другите, напротив, тие треба да го одредат темпото и да послужат како инспирација за сите, додава претседателот на Европскиот совет.
Кошта оценува дека во текот на изминатите 12 месеци, земјите од Западен Балкан постигнале добар напредок.
„Патот на Црна Гора кон ЕУ е очигледно забрзан. Само оваа недела, пет поглавја за пристапување беа успешно затворени; Албанија успеа да ги отвори сите преговарачки групи за многу кратко време, последните дури во ноември. Следната година ќе биде нивниот момент на вистина за забрзување на реформите; во однос на Северна Македонија, ги поздравуваме чекорите за зголемување на регионалната поврзаност. И се надеваме на вистински напредок во 2026 година. Нивните власти знаат што треба да направат; исто така оваа година, Босна и Херцеговина ја усвои својата Агенда за реформи, неопходен чекор за пристап до Планот за раст. Ова ќе им овозможи да го искористат целиот потенцијал на поддршката од Европската Унија и постепената интеграција; во однос на Косово, ги поздравуваме чекорите преземени за градење доверба меѓу заедниците. Претстојните парламентарни избори можат да бидат клучен момент за консолидирање на реформите и конструктивно ангажирање на патот кон европскиот пристап“,
изјави Кошта.
Во изјавата, тој не ја споменува Србија, чии претставници не учествуваа на денешниот Самит во Брисел.
Само со надминување на минатото, додава Кошта, земјите од Западниот Балкан може целосно да ја преземат својата улога како идни членки на ЕУ и да придонесат за стабилна, просперитетна и обединета Европа.
„Патот напред нема да биде лесен. Некои реформи ќе бидат тешки, но вредат. И верувам дека нашите партнери се посветени на остварување на целите. Мораме да го задржиме овој моментум. За таа цел, ќе ги поддржуваме нашите партнери на секој чекор од патот. Проширувањето е длабоко трансформативен процес. Социоекономската конвергенција ќе ја зацврсти нивната иднина во Европската Унија. ЕУ е – и ќе остане – најсигурен партнер на Западниот Балкан. Сите тие се дел од европското семејство, а Европската Унија е нивното место“,
се наведува во изјавата на претседателот на Европскиот совет.
