„Сè уште е долг патот кон мир заснован на решението за две држави – Израел и Палестина, кои ќе живеат една покрај друга во мир и безбедност и без тероризам“, вели претседателот на Европскиот совет
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, изјави дека Европската Унија е подготвена активно да се ангажира со сите вклучени страни во спроведувањето на Мировниот план за Газа.

Кошта ова го изјави откако вчера учествуваше на Мировниот самит во египетското одморалиште Шарм ел Шеик, каде што беше потпишан договорот.
„Подготвени сме да учествуваме во Меѓународниот одбор за мир и да ги поддржиме сите процеси – транзициската управа, закрепнувањето и обновата. Штом условите дозволат, веднаш ќе ја зголемиме нашата хуманитарна помош. Европската Унија е најголемиот хуманитарен донатор за Палестинците и ќе ги зајакнеме нашите напори во тој правец“,
вели Кошта.
Претседателот на Европскиот совет им се заблагодари на претседателите на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, и на Египет, Абдел Фатах ал-Сиси за, како што наведува, нивното лидерство во организацијата на Мировниот самит. Тој им честита на американскиот претседател и на останатите посредници за успехот на Мировниот план.
Со ова, како што изјави Кошта, кулминираат напорите на меѓународната заедница за прекин на огнот, за решението за две држави и за траен мир меѓу Израелците и Палестинците.
Кошта посочи дека неговите мисли се насочени кон жртвите на терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври 2023 година и цивилните жртви на војната во Газа.
„Сите живи израелски заложници сега се слободни и конечно повторно обединети со своите семејства по повеќе од две години неподнослива болка. Ова е момент на радост, надеж и славење. Исто така е момент да се сетиме на оние што не се вратија“,
додаде тој.
Претседателот на Европскиот совет посочи дека во согласност со посветеноста на Европската Унија за реформирање на Палестинска автономна управа, таа ќе продолжи со поддршката за неа и за нејзината реформска агенда, овозможувајќи Газа да биде дел од една демократска држава ослободена од тероризам.
„На Палестинската автономна управа за периодот 2025-2027 година ѝ доделивме 1,6 милијарди евра и ќе продолжиме да придонесуваме, како финансиски, исто така, и со нашата експертиза во областите што ќе бидат од фундаментално значење во постконфликтната Газа“,
кажа Кошта.
Тој најави дека Европската Унија ќе придонесе и за стабилизација и обнова на Газа, вклучително и преку своите мисии ЕУБАМ Рафа и ЕУПОЛ, кои се подготвени да ја продолжат својата важна улога во одржување на безбедноста на границите, градење на капацитети и обука на полицијата.
„Сè уште е долг патот кон мир заснован на решението за две држави – Израел и Палестина, кои ќе живеат една покрај друга во мир и безбедност и без тероризам. Денеска сме обединети тука во нашата заложба да го оствариме тоа. Заедно, ќе помогнеме во обновата на Газа. За да можат Израелците и Палестинците да заздрават. Денеска се надеваме на мир. Денеска ја славиме надежта“,
додаде Кошта.
На самитот на светските лидери во египетското одморалиште Шарм ел Шеик вчера свечено беше потпишан мировниот договор за Газа. Потписот на документот прв го стави американскиот претседател Доналд Трамп, кој рече дека требаше да поминат 3 000 години за да се случи ова.
Според него, овој пат мирот ќе трае.
По Трамп, документот го потпишаа египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и катарскиот емир Хамад ал Тани.