„Јас лично сум ангажиран да се обидеме да се надминат овие билатерални проблеми, бидејќи на проширувањето треба да гледаме како на многу важна геополитичка инвестиција, не само за Западниот Балкан, туку и како заеднички интерес на 27-те земји членки на ЕУ“, рече Кошта, одговарајќи на новинарско прашање во врска со случаите каде некои членки на Унијата ги блокираат кандидатите за членство на нивниот европски пат поради билатерални спорови
Билатерализацијата не е фер начин во процесот на пристапување во Европската Унија и треба да ја избегнеме, изјави новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта на прес-конференцијата по завршувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел, на кој учествуваше и македонска делегација предводена од премиерот, Христијан Мицкоски.
Според Кошта, процесот на проширување е базиран на заслуги и само заслугите можат да бидат основа за проценка на напредокот на земјите аспирантки за полноправно членство во Унијата.
„Билатерализацијата не е фер начин да се справиме со проширувањето и треба да ја избегнеме. Јас лично сум ангажиран да се обидеме да се надминат овие билатерални проблеми, бидејќи на проширувањето треба да гледаме како на многу важна геополитичка инвестиција, не само за Западниот Балкан, туку и како заеднички интерес на 27-те земји членки на ЕУ“,
рече Кошта, одговарајќи на новинарско прашање во врска со случаите каде некои членки на Унијата ги блокираат кандидатите за членство на нивниот европски пат поради билатерални спорови.
Токму затоа, рече претседателот на Европскиот совет, треба да се забрза пристапниот процес со голема посветеност и со надминување на билатералните проблеми, кои понекогаш се ставаат на маса и треба да се решат.
Прашана што ќе преземе Европската комисија за да ја промени оваа практика, претседателката на извршното тело Унијата, Урсула фон дер Лајен рече дека кога е предвидено дека за некое прашање треба консензус, тогаш и за промена на тоа правило е потребен консензус.
„Моето искуство од изминативе години е дека најважен е ангажманот за надминување на овие блокади, за изнаоѓање решенија, пронаоѓање компромиси“,
рече таа.
Според неа, таквите обиди понекогаш го забавуваат процесот, но секогаш даваат резултати.
„Ако погледнете на Европската Унија во целина, таа е приказна на изнаоѓање компромиси и решенија за проблемите кои постојат. Јас сум убедена во тоа“,
изјави претседателката на ЕК.
По завршувањето на Самитот, шефовите на држави и влади усвоија Декларација во која главната порака е дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија.
Во документот, конкретно се споменуваат Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство и добрососедство меѓу С Македонија и Бугарија.
„Спроведувањето на меѓународните договори со добра волја и со видливи резултати, вклучително и на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија е од суштинско значење“,
се вели во Декларацијата од Самитот.
Пред почетокот на Самитот, македонскиот премиер Христијан Мицкоски во видеообраќање рече оти очекува позитивни впечатоци и дека се во Брисел за да испратат порака дека местото на земјава е во Европската Унија, како полноправна членка.
„Денеска сме овде во Брисел да испратиме порака дека македонските граѓани и Македонија како држава го заслужуваа своето место со останатите 27 земји членки на Европската Унија, и дека нашето место е токму тука на истата маса заедно со нив, бидејќи ние споделуваме исти вредности и се бориме за исти вредности и веруваме во тие вредности, а тоа е да бидеме обединети во различностите“,
рече Мицкоски.
Во обраќањето тој сподели што било разговарано и кои биле неговите пораки на состанокот со шефицата на европската дипломатија, Каја Калас.
„На состанокот разговаравме за сите оние стравови и за сето она што ние како држава и како народ моравме да го направиме во минатото, во име на тие исти европски вредности и дека никогаш повеќе не смееме не само поради нас, туку и поради вредностите коишто ги споделуваме со Европската Унија да разговараме за билатерални прашања, за идентитетски прашања, и никогаш повеќе никој нема право да го оспорува нашиот многувековен идентитет и нашиот мајчин, македонски јазик којшто има многувековни корени“,
рече премиерот.
Северна Македонија формално ги почна преговорите со Европската Унија во јули 2022 година, но за до продолжи со процесот, односно отворање на поглавјата и кластерите треба да направи уставни измени за внесување на Бугарите во највисокиот правен акт на државата.