Бугарскиот европратеник Станислав Стојанов од националистичката партија Преродба и неговиот сонародник Андреј Ковачев од ГЕРБ ѝ замерија на Кос за употребата на терминот „билатерално прашање“ меѓу Скопје и Софија инсистирајќи дека тоа е прашање меѓу земјата кандидатка и Европската Унија
Во однос на забелешките околу употребената терминологија, еврокомесарката за проширување Марта Кос рече дека тоа е европско прашање, но дека е и прашање на една земја членка и една држава кандидатка што тие мора да го разговараат
Еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави дека е подготвена да посредува меѓу Северна Македонија и Бугарија со цел решавање на билатералното прашање кое треба да го откочи евроинтегративниот процес на земјава. Таа ова го изјави во воведното обраќање на дебатата со членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент посветена на проширувањето на ЕУ, состојбите во Украина и соседската политика на ЕУ.

„Наша политичка цел е да ги започнеме преговорите со С Македонија по Кластерот ‘Основни вредности’, штом ќе бидат усвоени уставните измени. Бугарија и С Македонија треба да почнат да разговараат интензивно и да најдат решение за билатералното прашање, а јас стојам на располагање како олеснувач ако е потребно“,
истакна Кос.
Порача дека проширувањето е многу повеќе од тоа, туку дека претставува обединување на Европа.
Во текот на дебатата, известувачот на ЕП за земјава, Томас Вајц, порача дека е јасно оти уставните измени мора да се спроведат, но дека мора да се има предвид дека државата 20 години чека за старт на преговарачкиот процес и дека спровела значителни реформи во усогласувањето на своето со европското законодавство.
Бугарскиот европратеник Станислав Стојанов од националистичката партија Преродба и неговиот сонародник Андреј Ковачев од ГЕРБ ѝ замерија на Кос за употребата на терминот „билатерално прашање“ меѓу Скопје и Софија, инсистирајќи дека тоа е прашање меѓу земјата кандидатка и Европската Унија.
„Нема билатерално прашање, ве молам, вие добро знаете. Во заклучоците од 2022 година и во преговарачката рамка, 27. земји членки и земјата кандидатка се согласија на тоа. Жал ми е што граѓаните на Северна Македонија загубија толку многу време, бидејќи не се исполнети Заклучоците на Советот од 2022 година“,
рече Ковачев.
Во однос на забелешките околу употребената терминологија, еврокомесарката Кос рече дека тоа е европско прашање, но дека е и прашање на една земја членка и една држава кандидатка што тие мора да го разговараат.
„Се согласувам дека сите мора да се грижиме за помирувањето и добрососедските односи, не само Северна Македонија, не само Бугарија, туку сите ние. Но, тоа не е можно без да разговараме едни со други. Ако можам да помогнам, тогаш сум подготвена да седам 24 часа. Колку и да е потребно, за да се дојде до решение. И да, Северна Македонија мора да го промени Уставот и тогаш ќе продолжиме со процесот на пристапување. Така што, да, тоа е тешка работа, но верувам дека сите ќе придонесете за нејзино решавање“,
рече еврокомесарката за проширување.
За време на посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кон средината на мај во Скопје, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека е подготвен за разговори со бугарска страна во кое било време за соочување на аргументите за спорот околу внесувањето на Бугарите во Уставот.