Според неа, ЕУ по првпат има реален пристап со кој до крајот на мандатот на сегашната Европска комисија би можеле да бидат донесени една или повеќе земји кандидати за членство
Ќе направам сѐ да обезбедам билатералните спорови од минатото да не можат постојано да стојат на патот кон нашата заедничка цел – приближување на земјите од Западен Балкан кон Европска Унија, изјави денеска еврокомесарката за проширување Марта Кос во воведното обраќање на форумот „Самит ЕУ-Западен Балкан: Обновен пристап кон регионот“ во организација на бриселскиот тинк-тенк „Пријатели на Европа“.
„Мојот сон е да ги имаме сите земји од Западниот Балкан во Европската Унија и да ги видиме отстранети границите и билатералните тензии, како што беше случај во многу делови од континентот“,
рече Кос, додавајќи дека со отстранувањето на физичките бариери на раздвојување, многу историски тензии ќе се тргнат на страна.
Според неа, ЕУ по првпат има реален пристап со кој до крајот на мандатот на сегашната Европска комисија би можеле да бидат донесени една или повеќе земји кандидати за членство.
Кос нагласи дека на средбите со лидерите од земјите од Западен Балкан претходните два дена им порачала дека може да сметаат на неа како на член на тимовите што ќе работат на нивното приближување кон ЕУ.
Таа нагласи дека не е само прашањето кога ЕУ ќе прими нови членки, туку и што можат да направат кандидатите за членство за посилна и побезбедна Европа, нагласувајќи дека процесот на проширување ќе остане базиран на заслуги и остварување, пред сѐ во однос на владеењето на правото.
„Но, ако кандидатите за членство испорачаат, тогаш сакам да бидат наградени за тоа, додаде Кос“,
потенцирајќи дека новата Европска комисија е комисија на проширување.
Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, пак, во своето обраќање нагласи дека во Брисел сега преовладува нов момент во однос на проширувањето и посебно е важно што тој процес е меѓу седумте приоритети на новата Европска комисија.
Генералниот директор на Генералниот директорат за соседство и преговорите за проширување на Европската комисија (ДГ НЕАР), Герт Јан Копман, пак, оцени дека кога станува збор за процесот на проширување, во ЕУ се враќа „духот на 2004 година“, кога во Унијата беа примени 10 нови членки, процес кој стана познат како „големо проширување“.
Според него, во такви услови и со новата Европска комисија, следната година во голема мера ќе биде посветена на проширувањето.