Национализмот и етничките ривалства се само маска за неа (корупцијата). Многу е јасно дека најголем дел од партиите во регионот кои се најнационалистички настроени се и најкорумпирани. И тоа е факт, категоричен е американскиот дипломат
Корупцијата е најголема пречка за американските инвестиции во земјите од Западен Балкан, категорично вели заменик-помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Габриел Ескобар во интервју за Атлантскиот совет дадено на почетокот на декември.

Ескобар вели дека корупцијата е најголемиот проблем во регионот.
Национализмот и етничките ривалства, додава тој, се само маска за корупцијата.
„Корупцијата е најголемиот проблем за регионот. Национализмот и етничките ривалства се само маска за неа (корупцијата). Многу е јасно дека најголем дел од партиите во регионот кои се најнационалистички настроени се и најкорумпирани. И тоа е факт. Тоа не го зборува само владата на САД, тоа го зборуваат и независни организиации, како Транспаренси интернешенл и некои од европските граѓански организации, вклучително и некои многу добри домашни граѓански организации“,
јасен е американскиот дипломат во одговорот на прашањето за тоа кои се бариерите што ги спречуваат американските бизниси да инвестираат во регионот.
Другата причина, според Ескобар, е обемот на поединечните економии на Западен Балкан.
„Многу е тешко за компанија да влезе на пазар од 2-3 милиони и повторно да ја изврши истата регистрација во друга земја за многу мала популација. Тоа е другата причина зошто сметам дека економската интеграција е важна, затоа што ја зголемува атрактивноста на регионот“,
вели тој.
На дополнително прашање на новинарката формулирано како заклучок дека нема да има американски бизниси во регионот додека корупцијата не се стави под контрола, Ескобар со одговор:
„Не, ќе има, но би ги имало повеќе доколку ја контролираат корупцијата“.
Тој додава дека САД ќе воведат дополнителни чекори за да ги санкционираат корумпираните официјални лица.
„Тоа е важна алатка. Ефективна е. Мислам, не само што беше ефективно да се санкционираат поединци, туку ако погледнете дел од наративот што Министерството за финансии го објавува заедно со одлуката, ќе ја видите длабочината на корупцијата“,
вели Ескобар.
За потсетување, меѓу последните кои САД ги сместија на црната листа се поранешниот премиер Никола Груевски и ексшефот на УБК, Сашо Мијалков, со нивните потесни семејства. Објаснувањето од американската влада беше дека ова е одговор на нивната вмешаност во значителната корупција.