Во обата случаи заразените престојувале во Кина. Француските власти стравуваат дека бројот ќе расте
Два случаи на инфекција со новиот коронавирус се потврдени во Франција денеска и тоа се првите регистрирани случаи на новиот смртоносен вирус во Европа.
Првиот случај е пријавен во Бордо – 48 годишен маж кој поминал низ кинескиот град Вухан, кој е епицентар на вирусот, а вториот во околината на Париз. И вториот заболен престојувал во Кина, но засега малу се знаат детали за него.
Министерката за здравство Ањес Бузин на прес-конференција соопшти дека тоа се првите потврдени случаи во Европа, додавајќи очекува и нови случаи во земјата.
Бузин истакна дека властите ќе направат се за да се спречи ширењето на вирусот.
Претходно два случаи на заразени со коронавирусот од Кина пријавија и САД, а на листата на регистрирани случаи веќе се Сингапур, Тајланд, Јапонија, Јужна Кореја и Виетнам.
Во Кина бројот на заболени е речиси 900, а на починати 26.
Македонското МНР денеска излезе со препорака за македонските граѓани кои патуваат во НР Кина да ја избегнуваат провинцијата Хубеј, каде се наоѓа градот Вухан.