Над 145 000 луѓе во светот се заразени со коронавирусот. Од нив 5 438 се починати, а се излечиле 72 550.
Ова се најновите податоци за состојбата со коронавирусот во светот. Сè повеќе држави воведуваат поригорозни мерки за превенција.
Од земјите во регионот, Косово од денеска ги затвора пазарите, кафулињата и моловите. Иста мерка се воведе и во Грција, па таму денеска привремено се стави клуч на: трговските центри, кафулињата, баровите, ноќните клубови, сите угостителски објекти, библиотеките, музеите и археолошките локалитети, спортските објекти, салоните за убавина, студијата за тетовирање, казината и обложувалниците, кината и театрите, луна паркови, борделите…
Во Хрватска има пет нови случаи со што бројот на заразени достигна 37. Од понеделник е донесена одлука да се прекине наставата на факултетите, средните и основните училишта, а се затвораат и градинките.
Во Србија се регистрирани пет нови случаи на коронавирус, со што бројот на заразени лица достигна 41.
Француските власти, пак, евидентираа 800 нови случаи на коронавирус. Моментно има 3.661, а починати се 79 лица. Се донесе одлука за затворање на туристичките атракции, како што се музејот „Лувр“ и Ајфеловата кула.
На драстични мерки се решија и Унгарија и Чешка. Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека се затвораат училиштата. Чешка од утрово ги затвори главно сите продавници и ресторани, во рамки на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот. Исклучок од забраната се продавниците за храна, аптеките и бензиските пумпи.
Училиштата и градинките во повеќе покраини во Германија ќе бидат затворени и по велигденските празници во април. Истовремено, германското Министерство за здравство им препорача на болниците да ги повикаат пензионираните медицински работници и студентите по медицина да помогнат во лекувањето на заболените.
Комапнијата „Епл“ ги затвора речиси сите продавници во светот до 27 март. Ќе останат отворени само одреден број во некои делови на Кина. Исто така, компанијата донира 15 милиони долари за борба против коронавирусот.
Најбогатиот Кинез, основачот на Алибаба, Џек Ма, пак, најави дека ќе им подари на САД милион заштитни маски и половина милион комплети за тестирање на коронавирусот.