Во период од година и пол, во вкупно 15 наврати и биле исплатени пари како надомест за патни трошоци во вкупен износ од 291 040 денари, за кој поранешната членка на Судскиот совет се стекнала со противправна имотна корист, на штета на буџетот на Советот
Поранешната членка на Судскиот совет, Лорета Георгиева (57) од Струмица доби кривична пријава за сторено кривично дело – измама во службата, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Таа се сомничи дека во периодот од август 2022 година до јануари 2024 година, а со намера да прибави противправна имотна корист, не пријавила промена на имотна состојба на членовите на нејзиното потесно семејство.

Иако нејзината ќерка во 2022 година се стекнала со стан во Скопје, таа навремено не го известила претседателот на Судскиот совет дека нема да користи патни трошоци за патување на релација од Струмица, како место на живеење, до Скопје, како место на извршување на работата и обратно.
„Со тоа, го довела во заблуда Судскиот совет да и исплаќа надоместок на трошоци за превоз согласно точка 4 од Одлуката за начинот на остварување на правата на судиите утврдени во Законот за платите на судиите, а донесена од страна на Судски буџетски совет, согласно Законот за платите на членовите на Судскиот совет“,
се вели во соопштението од МВР.
Во наведениот период во вкупно 15 наврати и биле исплатени пари како надомест за патни трошоци во вкупен износ од 291 040 денари, за кој поранешната членка на Судскиот совет се стекнала со противправна имотна корист, а на штета на буџетот на Судскиот совет на РСМ.
Инаку, пријавената Л.Г. во својство на судија од Основен суд Струмица во 2018 година е избрана за член на Судскиот совет, од редот на судии од апелационото подрачје Штип, при што Законот за платите на членовите на Судскиот совет, членот на Советот има право на надомест на трошоци за превоз во висина од вистинските трошоци за јавен сообраќај.
Согласно на тоа, таа поднела барање, кон кое ја доставила одлуката за избор за судија и изјава заверена на нотар дека таа или член од нејзиноот потесно семејство немаат стан или куќа во нивна сопственост во местото каде ја извршува функцијата.
На Георгиева и истече мандатот како член на Судксиот совет во декември 2024 година.