Со оглед на тоа што „Клаудфлер“ обезбедува критична интернет-инфраструктура за бројни услуги, постои можност проблемите да се поврзани. Моментално нема официјална потврда за причината за тешкотиите

Корисниците на популарната социјална мрежа Икс пријавуваат проблеми со пристапот и користењето на услугата уште од рано утрово. Веб-страницата „Даун детектор“ (DownDetector), која ја следи достапноста на интернет-услугите, забележа нагло зголемување на пријавите, додека „Клаудфлер“ (Cloudflare) исто така потврди оти нивната глобална мрежа се соочува со тешкотии, објавува Њузвик.
Со оглед на тоа што „Клаудфлер“ обезбедува критична интернет-инфраструктура за бројни услуги, постои можност проблемите да се поврзани. Моментално нема официјална потврда за причината за тешкотиите.
„Клаудфлер“ обезбедува основни интернет-услуги, вклучувајќи заштита од кибернапади и алатки за одржување на стабилноста на веб-страниците при големо оптоварување. Бидејќи нивните услуги, кои обично се невидливи за крајните корисници, ги користат огромен број компании ширум светот, дефектот во нивниот систем има далекусежни последици. Ова доведе до паѓање на широк спектар на навидум неповрзани веб-страници, слично на она што се случи минатиот месец со техничките проблеми во Амазон веб сервисис (Amazon Web Services).
Проблемите започнаа околу 13 часот по источно време, а „Клаудфлер“ потврди околу 15 минути подоцна дека е свесен за проблемот.
„’Клаудфлер’“ е свесен за проблем што потенцијално влијае на повеќе корисници и го истражува. Понатамошни детали ќе бидат дадени кога ќе станат достапни повеќе информации“,
се вели во соопштението на компанијата.
Кратко потоа, компанијата додаде дека продолжува да го истражува овој проблем, но не ја откри причината за прекинот или кога би можел да се реши.
Засегнатите корисници видоа порака на своите екрани за внатрешна грешка на серверот на мрежата на „Клаудфлер“, со препорака: „обидете се повторно за неколку минути“. Интересно е што популарната веб-страница „Даун детектор“, која ги следи прекините на онлајн услугите, исто така беше погодена од истите технички проблеми. Кога конечно успеа да се вчита, покажа драматично зголемување на пријавите за проблеми со бројни услуги.
