„Особено е важен поради тоа што ќе учествува во новата стратегија за Црното Море која само што ја усвоивме на ниво на Европската комисија. Значи, ќе ја поврземе Европската Унија со централноазиските земји и тука Северна Македонија игра главна улога“, кажа еврокомесарката за проширување на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во рамките на Самитот ЕУ – Западен Балкан
Поврзувањето меѓу Северна Македонија и Бугарија преку Коридорот 8 била една од темите на кои се разговарало на Самитот меѓу Европската Унија и земјите од Западен Балкан што се одржува во Скопје, соопшти еврокомесарката Марта Кос.

Осврнувајќи се на овој проектот, таа на заедничката прес-конференција му честиташе на премиерот Христијан Мицкоски за договорот со Бугарија да работат на Коридорот 8.
Имено, од македонската влада викендов соопштија дека на министрите за транспорт на С Македонија и на Бугарија, Александар Николоски и Гроздан Караџов, на средба во Истанбул се договориле да испратат експерти што ќе учествуваат на состанокот за Коридор 8 што ќе се случи месецов во организација на Европската комисија.
Овој коридор, како што кажа еврокомесарката Кос, е важен не само за С Македонија и Бугарија, туку за целиот регион и за Европската Унија.
„Особено е важен поради тоа што ќе учествува во новата стратегија за Црното Море која само што ја усвоивме на ниво на Европската комисија. Значи, ќе ја поврземе Европската Унија со централноазиските земји и тука Северна Македонија игра главна улога“,
кажа Кос.

По период на меѓусебни обвинувања на релација Софија – Скопје и обратно околу железничкото поврзување преку Коридорот 8, односно дека и од двете страни не се прави ништо за придвижување на овој проект, Владата викендов соопшти дека експерти од двете земји на 16 јули ќе седнат во Брисел за да разговараат за проектот.
Новата средба ќе биде со цел заеднички да се усогласи текстот на Договорот со кој ќе се постигне согласност за изградба на заедничкиот тунел што треба да ги поврзе Македонија и Бугарија, со цел придвижување на работите за реализација на железничкиот Коридор 8.
Ова било договорено средба меѓу вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски со неговиот бугарски колега Гроздан Караџов, што минатата недела се одржа во рамки на форумот „Глобална Транспортна Поврзаност“ во Истанбул.
Двајцата вицепремиери и министри за транспорт ја истакнале неопходноста за изградба и модернизација на европските транспортни коридори, а посебен акцент ставиле на железничкиот и патниот Коридор 8, како предуслов за регионален економски развој и олеснување на транспортот и трговијата.
Вицепремиерот Николоски пред три дена во телевизиско гостување рече дека на средбата со Караџов станало збор за многу детали, но она што според него е клучно и мора да се расчисти е дека од еден крајно инженерски, се направил политички проблем.
„ Тоа е нешто што во иднина не смее да се случува“,
рече вицепремиерот и министер за транспорт во интервју за ТВ Сител во неделата.
Говорејќи за проектот тој најави оти е можно С Македонија и Бугарија заеднички да аплицираат во Европската Унија за грант за изградба на тунелот како симбол на поврзување на двете земји.