Изградбата на Коридорот 8 е дел од Националната транспортна стратегија донесена пред пет години, за која е надлежно Министерството за транспорт и врски, вели во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, Снежана Камиловска-Трповска, проектна координаторка во МЦМС, кој е дел од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата. Ова, според неа, е уште еден аргумент за дилемата – зошто Владата за координатор за изградбата на Коридорот 8 го назначи вицепремиерот Артан Груби, кој раководи со Министерството за политички систем.

„Ако ние имаме Национална транспортна стратегија која е донесена во 2018 г. од Министерството за транспорт и важи до 2030 г., во која сите овие делници што се предмет на договорот со ‘Бехтел и Енка’ се дел од самата Национална транспортна стратегија и во која децидно е наведено дека Министерството за транспорт е надлежно за нејзино реализирање во соработка со регулаторните тела од областа, се поставува прашањето – кој е релевантен во целиот процес? Кој ќе ја спроведува таа транспортна стратегија, дали тоа ќе биде вицепремиерот? Дали на вицепремиерот ќе му се прошират надлежностите на неговото ресорно министерство, затоа што знаеме дека е во процес реорганизација на државната управа? Дали, можеби, Министерството за политички систем во своите ингеренции ќе вметне дел од транспорт и врски? Многу прашања произлегуваат, а надлежностите што си ги дава Владата излегуваат од надлежностите во Законот за Влада“,
вели Снежана Камиловска-Трповска, проектна координаторка во МЦМС.
Камиловска-Трповска вели и дека со потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“, Владата се обврзала дека ќе смени неколку закони, а не е надлежна за тоа. Според неа, Владата ја довела во понеповолна состојба државата затоа што не може со сигурност да тврди дека ќе бидат изменети конкретните закони.
„Со самото тоа Владата излегува од својата надлежност, бидејќи единствен што може да смени закон во оваа држава е Собранието и тоа е уставна категорија што е уште еден спорен елемент на тоа дека на координативна функција се поставува лице што во рамки на своето министерство нема никаква надлежност поврзана со инфраструктурни проекти“,
додава Камиловска-Трповска.