Конечно се комплетираше и парискиот правилник за спроведување на Парискиот договор, а првпат се постигна договор и за постепено укинување на фосилните горива

Климатската конференција – КОП 26 заврши го Глазгов, а речиси 200 земји се согласија на климатскиот пат за одржување на договорот за ограничување на порастот на температурите до 1,5 Целзиусов степен, како и на финализирање на елементи од Парискиот договор.
Климатските преговарачи во Глазгов, нагласуваат од британската амбасада во земјава, ги завршија двонеделните интензивни разговори со консензус за итно забрзување на климатските акции.
Акциите кои претстојат за одржување на ограничувањето на зголемување на температурите ги нагласи и претседателот на КОП 26, Алок Шарма.
„Сега можеме со кредибилитет да кажеме дека ги одржавме 1,5 степени во живот. Но, нивниот пулс е слаб и ќе опстане само ако ги исполниме нашите ветувања и ги преточиме обврските во брза акција. Благодарен сум на УНФЦЦЦ што соработуваше со нас за да обезбедиме успешен КОП26. Оттука, сега мораме да одиме напред заедно и да ги исполниме очекувањата наведени во Климатскиот пакт од Глазгов и да ја затвориме огромната празнина што останува. Бидејќи, како што ни рече премиерката Миа Мотли на почетокот на оваа конференција, за Барбадос и за другите мали островски држави, ’два степени се смртна казна‘. Од сите нас зависи дали ќе ја одржиме нашата ѕвезда водилка од 1,5 степени на дофат и да продолжиме со нашите напори да обезбедиме финансии и да ја зајакнеме адаптацијата. По колективната посветеност што ја донесе Климатскиот пакт од Глазгов, нашата работа овде не може да биде залудна“,
рече Алок Шарма.
Конечно во Глазгов се комплетираше и парискиот правилник за спроведување на Парискиот договор, а за првпат се постигна договор и за постепено укинување на фосилните горива.
„Парискиот правилник, насоките за тоа како се спроведува Парискиот договор, беше комплетиран денес по шест години дискусии. Со тоа ќе се овозможи целосно спроведување на значајниот договор, по договорот за процесот на транспарентност кој ќе бара од земјите отчетност паралелно со исполнувањето на нивните цели. Тоа го вклучува членот 6, кој воспоставува цврста рамка во која земјите ќе може да разменуваат кредити за јаглерод преку УНФЦЦЦ. И по првпат, слушајќи ги повиците од граѓанското општество и земјите кои се најранливи на климатските влијанија, КОП постигна договор за акцијата за постепено укинување на фосилните горива“,
пишува во соопштението од Амбасадата на Велика Британија.
Меѓу резултатите на КОП 26 се и тоа што многу повеќе земји се обврзаа постепено да се исфрла од употреба струја произведена со јаглен, како и да го прекинат меѓународното финансирање на јагленот. Исто така, државите покажаа и подготвеност за заштита на природните живеалишта односно 130 земји ветија дека ќе стават крај на уништување на шумите.