Во пресрет на концертот, публиката мораше да се тестира за коронавирус во еден од трите специјализирани центри. Само шест од 5 000 тестови покажале позитивни резултати
Во Барселона синоќа, првпат од почетокот на пандемијата, се одржа концерт пред публика од 5 000 луѓе, на кој истовремено беше тестирано дали е можно вакви масовни собири со сите мерки за заштита во услови на пандемија.

Концертот на алтернативниот бенд „Love of Lesbians„ се одржа во салата Палау де Сант Ѓорди, која вообичаено прима до 24 000 гледачи.
„Добредојдовте на еден од најтрогателните концерти во нашите животи“,
ја поздрави публиката Санти Балмес, пејачот на групата.
Многумина танцуваа и пееја користејќи заштитни маски.
Строги мерки се спроведуваа пред и за време на концертот, одржан под надзор на лекарите.
Во пресрет на концертот, публиката мораше да се тестира за коронавирус во еден од трите специјализирани центри. Само шест од 5 000 тестови покажале позитивни резултати, според весникот Ла Вангуардиа.

На заразените не им било дозволено да присуствуваат на концертот, а парите од билетите ќе им бидат вратени. Билетите чинеа од 23 до 38 евра, а во неа биле вклученнии тестот и маската.
Резултатите од брзите тестовите биле видливи во рок од 10-15 минути на мобилна апликација.
Само регистрирани лица на возраст меѓу 18 и 65 години имаа дозвола да влезат во салата, и тоа со телефони кои содржат резултати од тестирањето на коронавирус. Публиката исто така морала да се согласи да ги сподели своите податоци со Министерството за здравство.
На концертот имало три одделни зони и влезови, кои гледачите морале да ги почитуваат. Просторот посебно е проветруван.
Сличен концерт со 5 000 луѓе се одржа во Мадрид во декември, но тој не беше дел од истражувањето за мерките против епидемијата на коронавирус. Гледачите мораа да седат и да одржуваат растојание еден од друг.