Сите претставници на демократите во Сенатот, во кој републиканците имаат тесно мнозинство, гласаа против потврда на номинацијата на Хегсет, по што резултатот од гласањето беше изедначен 50-50. Поради ваквата ситуација, за конечниот исход мораше да пресуди потпретседателот Џеј-Ди Венс кој гласаше во корист на Хегсет
Поранешниот водител на Фокс њуз и десничарски коментар, Пит Хегсет, ќе биде нов министер за одбрана на САД. Контроверзниот кандидат на претседателот Доналд Трамп за оваа функција синоќа беше потврден од Сенатот, со тесно гласање, во кое на крајот пресуди гласот на потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс.
Потврдата на кандидатурата на Хегсет, како што наведуваат дел од медиумите, претставува голема победа за новиот американски претседател Доналд Трамп по силното противење на демократите, но и на неколку републиканци, на неговата кандидатура.
Сите претставници на демократите во Сенатот, во кој републиканците имаат тесно мнозинство, гласаа против потврда на номинацијата на Хегсет. На крајот резултатот од гласањето беше изедначен 50-50. Поради ваквата ситуација, за конечниот исход мораше да пресуди потпретседателот Џеј-Ди Венс кој гласаше во корист на Хегсет.
На неговата номинација се спротивставија тројца републикански сенатори, Сузан Колинс од сојузната држава Мејн, Лиза Мурковски од Алјаска, како и доскорешниот лидер на мнозинството на републиканците во Сенатот, Мич Меконел од Кентаки.
Инаку, Хегсет беше меѓу најтешко испитуваните кандидати за кабинетот на Доналд Трамп поради наводите за сексуален напад и недолично однесување на работното место, кои се појавија во последните два месеца.
Набргу откако Трамп ја објави номинацијата на Хегсет за министер за одбрана во неговата администрација, експертите за екстремизам алармираат за очигледниот афинитет на кандидатот кон симболи на екстремната десница, посочувајќи меѓу другото и на неговите тетоважи, од кои две асоцираат на екстремнодесничарски и неонацистички групи, пишува „Гардијан“.
Критичарите ги доведоа во прашање и неговите квалификации за извршување на функцијата, со укажувања за неговиот проблематичен темперамент, како и неговите претходно искажани ставови дека жени не треба да служат во борбените единици и критиките кон генералите.
За време на процесот на одобрување за неговата кандидатура, се појавија низа други обвинувања против Хегсет.
Неговата поранешна снаа рече дека тој ја малтретирал својата втора сопруга, што Хегсет го негираше, додека неговата сопруга претходно негираше какво било физичко малтретирање.
Хегсет беше обвинуван и за прекумерно консумирање алкохол и лошо финансиско управување во организациите на ветераните.
Во врска со дел од овие наводи, тој вети дека ќе се воздржи од алкохол доколку биде потврден како министер за одбрана, ги призна грешките во финансискиот менаџмент, но негираше дека сторил нешто лошо.
Четириесет и четиригодишниот Хегсет, кој, освен неуспешната кандидатура за место во американскиот Сенат од Минесота, нема политичко искуство, сега ќе го предводи едно од најважните министерства во САД, констатира Дојче веле.
Како министер за одбрана, поранешниот војник ќе биде одговорен за најмоќната војска во светот, која брои околу 3,5 милиони воени и цивилни вработени, има буџет од околу 800 милијарди долари, како и проекти за вооружување, а ќе носи и големи безбедносни политички одлуки.