Од Управата за јавни приходи (УЈП) нагласија оти ниту еден маркет од овој синџир не е затворен и дека привремените пломбирања на објектите кои беа направени вчера беа единствено за регуларно извршување на увидот врз резервите на трговската стока во магацините и продавниците
Контролите на терен во мареките КАМ завршија и ниту една продавница не е затворена, извести во писмено соопштение Управата за јавни приходи (УЈП) и додаде оти до овој момент нема изречено казни кон овој даночен обврзник.
Оттаму додаваат оти контролите што ги започнаа во повеќе синџири на маркети се поради штитење на интересот на граѓаните, а се во насока на увид во резервите на трговската стока во магацините и продавниците, со цел да се утврдување на фактичката состојба споредбено со книговодствената евиденција.
„Со првичниот и прелиминарен увид на терен, инспекторите утврдија дека дел од малопродажните објекти, не само во погоре посочениот маркет туку и кај некои други маркети на големите ланци, се пресметувалo пет отсто ДДВ за основните производи за храна“,
наведува УЈП.
Според Управата, дел од маркетите ги продавале основните продукти како масло за јадење, свежо говедско месо, ориз и млеко со пресметан данок на додадена вредност (ДДВ), што се коси со одлуката на Владата и на измените во Законот за данок на додадена вредност, според кои основните прехранбени продукти се продаваат за нула отсто ДДВ.
„Без селекција и преку надворешните контроли кои ги извршуваат инспекторите на УЈП, кај сите даночни обврзници се проверува целокупното работење за одредениот период, односно, се контролира правилното искажување на приходите и трошоците од работењето кај даночните обврзници, кои покажале отстапки по однос на примената на даночната стапка, односно со намалување на ДДВ од 5 на 0 проценти. Инспекторите постапуваат по пријави на граѓани и извршуваат увид и контрола секаде каде што веќе имаше укажување и сомневање дека постојат индиции за непочитување на законите при работењето“,
истканува УЈП.
Од Управата најавија оти контролите на терен ќе продолжат и понатаму со цел заштита на стандардот на граѓаните и додадоа оти целта на контролите не е да се казнува, туку да им се укаже на сите даночни обврзници дека законот мора да се почитува.
„УЈП и инспекторите не познаваат ниту политичка, ниту верска, ниту пак национална различност. Контролите се вршат исклучиво и само во насока на почитување на законите и за заштита на стандардот на граѓаните. Управата за јавни приходи, преку инструментите и надлежностите кои ги има ќе продолжи да ги пресретнува можните злоупотреби од страна на даночните обврзници и да спречи евентуално нанесување на штета врз граѓаните или буџетот на Република Северна Македонија“,
нагласува УЈП.
Претходно денеска од опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку писмено соопштение се огласија оти привременото затворање на синџирот маркети КАМ било политички мотивирано а оти контролтите на УЈП се во погрешна насока.
„Под чудни околности се затвора еден од најголемите синџири маркети каде што граѓаните пазарат поевтино. Доведени се во прашање стотици работни места, а олигарсите од власта продолжуваат да печалат на грбот на народот“,
реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ во врска со големата акција на УЈП во која 84 маркети на синџирот КАМ беа привремено пломбирани за да се изврши вообичаениот попис на продуктите во магацините и продавниците