Трагедијата во Кочани ги разработи општинските инспекторати, сè повеќе општини информираат дека вршат контроли

Инспекциските служби на Општина Аеродром во текот минатата недела извршиле контроли на околу 100 угостителски објекти кои работат на територијата на Општината, а откако ќе бидат обработени податоците собрани од терен ќе се изготви анализа за состојбата со исполнувањето на законските одредби и подготвеноста на објектите за вршење на угостителска дејност.
Општина Аеродром соопшти дека изготвила и план за контрола на хидрантските мрежи во станбените згради, за пристапите, како и за излезите од објектите за колективно домување и од понеделник, во соработка со куќните совети и со управителите на станбените објекти, ќе започне инспекција за состојбата во зградите.
Градоначалникот Дејан Митески на 18 март испратил барање до сите основни училишта и детски градинки да достават одговори за состојбата со хидрантските мрежи во објектите, како и за ажурирањето на апаратите за гаснење пожар.
Вчера по барање на градоначалникот Горан Герасимовски во Општина Центар се одржал состанок на Штабот за заштита и спасување на Општина Центар, каде што се разгледувала безбедносната состојба во општината и биле предлагани мерки за подобрување на сигурноста и заштитата на граѓаните.
„Првиот состанок го имавме со директорите на сите општински основни училишта, затоа што безбедноста на децата за наш е најважна. Сите училишта и градинки имаат изработено План за заштита и спасување, Процена на загрозеност на институцијата и за истите имаат добиено позитивно мислење од Дирекцијата за заштита и спасување, што потврдуваме дека имаме темелна основа за континуирана превенција и обезбедување на безбедна средина за нашите деца“,
изјави Герасимовски.
Инспекторот за домување добил насоки и задолженија во текот на следната недела да закаже состанок со управителите на станбени, станбено-деловни и деловно-станбени згради како и со регистрираните заедници на сопственици, во врска со почитувањето на пропишаните норми и стандарди за домување, особено во делот за заштита и спасување (хидранти, пп апарати, лифт, фасада итн.).
„Ќе се вршат инспекциски надзори, ќе се преземаат инспекциски мерки и ќе се носат инспекциски акти во врска со почитувањето на одредбите од Законот за домување, Правилникот за нормите и стандардите за домување во станбените згради како и останатата законска како и подзаконска регулатива која е во наша надлежност во однос на Плановите за одржување на станбените згради како и застапеноста на противпожарната опрема и одржувањето на истата. Исто така ќе бидат известени надлежните институции и органи во однос на противпожарната опрема во зградите каде истата не е застапена или е нефункционална“,
рече градоначалникот Герасимовски.
Општина Центар ги потсетува сите угостителски објекти на нивната обврска за преземање на неопходни безбедносни мерки и ги информира дека инспекциската служба на општината ќе продолжи со спроведување на засилени инспекциски контроли.
Контроли се прават и во Битола. Во координација со Државниот пазарен инспекторат и СВР Битола, општинскиот инспекторат денеска ќе спроведе проширена контрола и на битолските локали и кафе барови.
Од секторот за односи со јавност на Општина Битола претпладнево соопштија дека акцијата ќе се одвива во кафе-барови кои во најголем дел се лоцирани на Широк Сокак, во битолската чаршија, во новиот пазар во Нова Битола и на други места. Ќе се проверува документација и дозволи за поставување на урбаната опрема пред локалите.