Инспекциите, како што рече таа, ќе бидат фокусирани на проверки дали овие објекти ги исполнуваат минималните технички услови што ги бара законот

Пет инспекциски екипи од денеска активно се на терен и вршат проверка на објектите што се наменети за прослави и големи собири, најави владината портпаролка Марија Митева на денешната прес-конференција.
Инспекциите, како што рече таа, ќе бидат фокусирани на проверки дали овие објекти ги исполнуваат минималните технички услови што ги бара законот.
„Во наредните денови очекуваме нов извештај од оваа контрола кој ќе даде појасна слика за нивоата на усогласеност и сите неопходни корективни мерки што ќе треба да се преземат“,
рече Митева.
Таа додаде дека целосно е обработена целата потребна документација што е поврзана со сите неодамнешни инспекции и оти службениот записник е доставен до надлежните институции.
„Со ова ДПИ и формално и законски го заокружи првиот дел од процесот во рекордно време обезбедувајќи ефикасност и усогласеност со прописите“,
додаде таа.
Во понеделникот Митева објавувајќи го пресекот од преземените активности на ДПИ заедно со сите надлежни институции рече дека изминативе денови биле направени вкупно 116 вонредни надзори. Во контролите, 10 кафулиња добиле решенија за привремена забрана, а кај шест правни субјекти кои немаат активна лиценца или им е истечена, а е утврдено дека изминатиот период функционирале, издадени се решенија за забрана на вршење на дејност.
Утврдено било и дека 15 правни субјекти од вкупно 23 кои имаат активна лиценца не исполнуваат минимални технички услови и кај нив ќе бидат изречени две мерки и тоа решение за забрана на вршење на дејност и предлог до Министерството за економија за одземање на лиценца.