„Блокаторите“ немаат лице, тие се кријат, бидејќи немаат што да понудат и обезбедат. Граѓаните се чувствуваат несигурно и бараат враќање на безбедноста и стабилноста, вели Вучиќ
Во повеќе градови низ Србија за денес се најавени контрасобири, наспроти антивладините протести кои се одржуваат повеќе од девет месеци. Според најавите, протестите се организизраат во повеќе од 50 градови, а на масовност повикаа од владејачката Српска напредна партија.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ кажа дека СНС не ги организира протестите, но дека ќе ги поддржат голем број приврзаници на неговата партија. Според Вучиќ, протестите нема да бидат против „блокаторите“, туку против блокадите и насилството.
„’Блокаторите’ немаат лице, тие се кријат, бидејќи немаат што да понудат и обезбедат. Граѓаните се чувствуваат несигурно и бараат враќање на безбедноста и стабилноста“,
рече Вучиќ.

Антивладините протести предводени од студентите во блокада во Србија траат веќе девет месеци, а причината е смртта на 16 лица при падот на настрешницата на реконструираната Железничка станица во Нови Сад.
Протестите се радикализираа во последните неколку денови, по настаните во градовите Врбас и Бачка Паланка во Војводина што се случија на 12 август, кога поддржувачите на власта во Србија ги нападнаа демонстрантите со пиротехнички средства, по што тие ја обвинија полицијата дека не реагирала на овие напади.
На протестите имаше неколку демолирани простории на СНС, а полицијата веќе уапси десетици лица во Белград и Нови Сад.