Ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека си игра со безбедносниот апарат и го злоупотребува за партиско мешетарење за дневнополитички цели, што додаде дека е одлика на инфантилни политичари и популистички партии, со цел да го одвлечат вниманието од реалните проблеми со кои се соочуваат граѓаните
Контрадикторни се изјавите на премиерот Христијан Мицкоски и актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, за случајот што власта се обиде да го претстави како наводна афера за прислушување. Ова денеска на прес-конференција го рече портпаролката на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Богданка Кузеска, повторувајќи го барањето на опозицијата за итна декласификација на целата документација поврзана со наводите за незаконското прислушување.

„Мицкоски вели едно, дека наводно бил прислушуван, а директорот на АНБ го демантира и вели друго, дека станува збор за прибирање информации за таргетирани лица. Кој овде лаже“,
праша таа.
Според неа, не може да се нафрлаат изјави во јавноста без на граѓаните да им се приложат докази. Посочи дека овој случај мора целосно да биде достапен за јавноста, со цел да се утврди дали и кој ја злоупотребил функцијата во безбедносните служби.
„Доколку АНБ не го направи тоа, ќе стане јасно дека се работи за уште еден неуспешен обид за манипулација од страна на власта и предизборна злоупотреба. Исто како и во случаите со наводни дестабилизации, со обиди за поткуп од странски компании и низа други измислени приказни што завршија без никакви докази и без разрешница“,
вели Кузеска.
Ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека си игра со безбедносниот апарат и го злоупотребува за партиско мешетарење за дневнополитички цели, што додаде дека е одлика на инфантилни политичари и популистички партии, со цел да го одвлечат вниманието од реалните проблеми со кои се соочуваат граѓаните.
„Растечкото незадоволство кај граѓаните поради катастрофалните политики и неисполнетите ветувања е само една од причините зошто ВМРО-ДПМНЕ рециклира потрошени стратегии од времето на Никола Груевски. Но, граѓаните веќе не им веруваат на овие лажни афери и празни приказни“,
рече портпаролката на СДСМ.
Само итна декласификација на целокупната документација за случајот со АНБ, според неа, ќе покаже дали се работи за реален безбедносен проблем или за уште една евтина манипулација на власта во обид да се покријат сопствените неуспеси.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ блефира со барањето за декласификација на документите за наводите за незаконското прислушување бидејќи, како што велат, свесно бара нешто што е невозможно да се направи. Велат дека декласификација на документи се врши исклучиво согласно закон, во судска постапка и по барање и одлука на надлежните органи, а не по партиска нарачка.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на Фејсбук денеска објави дека партијата бара итна декласификација на целата документација од случајот кој власта го презентираше како афера за прислушување.
„За ова има јасна постапка по која АНБ може да ги обелодени сите информации и документи. Случајот треба да биде достапен на јавноста за да се суди дали и кој ја злоупотребил функцијата во службите за безбедност. Доколку АНБ ова не го направи, ќе биде јасно дека ова ќе биде уште еден неуспешен обид за манипулација“,
вели тој.
Премиерот пред два дена изјави дека и Агенцијата за разузнавање (АР) и АНБ „се занимавале“ со него, односно бил прислушуван во годините додека ВМРО-ДПМНЕ била во опозиција.
Актуелниот директор на АНБ, Бојан Христовски, одговарајќи на новинарски прашања во врска со известувањата што актуелното раководство на АНБ ги доставило до Јавното обвинителство, поради индиции за незаконско, непрофесионално и неетичко постапување на еден поранешен директор на Агенцијата и група вработени во оваа институција, рече оти не сака да навлегуваат во детали, бидејќи како што рекоа станува збор за документи кои се класифицирани како државна тајна.
„Детали за ова не би можел да споделам бидејќи се работи за детали кои, како што кажа и премиерот, се со висока класификација и се сензитивни и не би сакале, меѓу другото, да нарушиме некој законски процес, но воедно и да нарушиме процес кој е или би бил отпочнат од Јавното обвинителство. Можам да кажам дека јас овој ден повеќе го гледам како ден кога расксрстуваме со минатото, ден кога даваме порака до сите кои некогаш се дрзнале да ја злоупотребат својата службена положба, повеќе да не го прават тоа. Се надеваме дека доколку се докаже вина кај тие за кои ние го имаме известено Јавното обвинителство ќе одговараат за тоа, и дека веќе никогаш нема да се повтори незаконско, непрофесионално и неетеичко работење во Агенцијата“,
кажа тој.