Италијанскиот премиер Џузепе Конте синоќа изјави дека од 4 мај повторно ќе бидат отворени парковите во Италија и оти луѓето ќе можат да ги посетуваат своите роднини кои живеат во ист регион.
Конте во телевизиското обраќање до нацијата истакна дека граѓаните ќе мора да се придржуваат до мерката за физичка дистанца.
Тој наведе дека градоначалниците ќе можат да воведат ограничувања колку луѓе ќе можат да влегуваат во парковите со цел да се избегне метеж. При посета на роднините, ќе мора да се носат заштитни маски, а прославите и понатаму ќе бидат забранети.
„Доколку луѓето не се придржуваат до мерките, кривата на заразата може повторно да порасне, да излезе од контрола, бројот на починати да порасне, а штетата по економијата ќе биде непоправлива“,
наведе Конте.
Тој истакна и дека индивидуалните спортисти ќе можат да се вратат на тренинзите на 4 мај, а професионалните спортисти на 18 мај.
На 18 мај, исто така, ќе бидат отворени библиотеките, музеите и уметничките изложби.
Фабриките и градилиштата ќе можат да работат ако ги воведат мерките за безбедност за сузбивање на новиот коронавирус. Продавниците, пак, ќе бидат отворени на 18 мај, а рестораните, кафулињата и фризерските салони на 1 јуни.
Во Италија со ковид-19 се инфицирани 197 675 луѓе. Тоа е втора највисока бројка во Европа и трета во светот (Шпанија има 226 629 заразени, САД 987 322). Бројот на смртни случаи во Италија изнесува 26 644, најмногу во Европа, а во светски рамки единствено повеќе жртви имаат САД – 55 415.