Освен избор на претседател, според најавите, на Конгресот ќе се усвои и документ „Стратегија за Македонија 2030“ – визија за тоа како партијата ја гледа Македонија и кои се столбовите на кои ќе ја темели својата политика во наредните години
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска во Кавадарци го одржува 18. партиски Конгрес на кој се очекува реизбор на Христијан Мицкоски за лидер на партијата. Во трката за претседател тој е единствен кандидат.

Во интервју за „360 степени“ емитувано во понеделникот, Мицкоски најави дека ова ќе биде неговиот последен мандат на чело на ВМРО-ДПМНЕ, доколку ја добие поддршката од делегатите.
Освен избор на претседател, според најавата што на брифинг со новинарите ја даде Мицкоски, на Конгресот ќе се усвои и документ „Стратегија за Македонија 2030“ – визија за тоа како партијата ја гледа Македонија и кои се столбовите на кои ќе ја темели својата политика во наредните години.
„Станува збор за документ што ја содржи визијата за тоа како ВМРО-ДПМНЕ, во моментов владејачка партија, а се надеваме и во периодот кој што го опфаќа овој документ до 2030 година ќе биде така, ја гледаме Македонија и кои се столбовите на кои ќе ја темелиме нашата политика и како политичка партија и како најголема политичка партија во рамки на Владата“,
рече Мицкоски на брифингот со новинарите.
Според него, ова ќе биде најмасовниот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ досега, на кој ќе има обраќања неколку сестрински партии. Според најавите, на Конгресот ќе присуствуваат од 850 до 860 делегати и околу 1 800 гости. Освен изборот на претседател, ќе бидат избрани и Статутарна комисија и Комисија за надзор на финансиското работење, тела кои формално го заокружуваат внатрепартискиот архитектон на новиот мандат.
