Околу прашањето што е актуелно овие денови – предвремени парламентарни избори, Таравари вели дека нема проблем да има избори, но не гледа потреба за вонреден термин
Алијансата за Албанците на Арбен Таравари денеска во Тетово одржува вонреден петти конгрес под мотото „Промената продолжува“. Партискиот лидер Таравари вели дека вонредниот конгрес следува поради потребата од консолидирање на партиските ограноци.
„Алијанса за Албанците по изборите на 8 мај имаше случувања внатре во партијата. Имавме приклучување на многу нови луѓе. Сега ни требаше консолидација на сите ограноци и подограноци. И денес, Собранието на партијата ќе биде консолидирано дефинитивно. Ќе донесеме нови политики на партијата коишто ќе бидат со една декларација денеска донесени заеднички од конгресот на партија“,
изјави Таравари пред почетокот на Конгресот.
Во декларацијата што треба да се донесе се нагласува непоколебливата посветеност на Алијансата за Албанците како централнодесничарска сила со прозападна ориентација и со цел да се приклучи кон семејството на европските народни партии.
Делегатите, како што стои во декларацијата, ја потврдуваат посветеноста за доследно спроведување на Планот 2030 на коалицијата „Вреди“, како и на програмата на реформската влада, особено интеграцијата на земјава во Европската Унија, воспоставување на правна држава и борба против криминалот и корупцијата.
Една од точките во декларацијата е и тоа дека од партијата цврсто стојат на трајната определба на Албанците во Северна Македонија за уставни и правни реформи, кои треба да ја одразуваат политичката и економската реалност во земјава, вклучително и целосно официјализирање на албанскиот јазик, изнаоѓање правни механизми за доследно спроведување на правичната и соодветна застапеност.
„Ја повторуваме нашата прозападна определба во соочувањето со глобалните предизвици. Целосно ќе ги усогласиме нашите политики со оние на нашите стратешки сојузници, НАТО, Европската Унија, Соединетите Американски Држави, како и со пријателските земји на регионално ниво“,
стои во декларацијата.
Со усвојувањето на декларацијата делегатите на партијата, како што стои, ја потврдуваат силната поддршка за праведната борба на украинскиот народ наспроти агресијата без преседан на Руската Федерација, која сериозно го крши меѓународното право и принципите на Повелбата на ОН.
Лидерот на ова крило од Алијанса на Албанците, Арбен Таравари, околу поделбата на партијата и во исчекување на правната разврска, пред почетокот на Конгресот рече дека очекува судска одлука во корист на членовите кои се мнозинство.
„Судскиот процес тече, Апелација донесе одлука во којашто првичната одлука под притисок што беше пред избори на судот во Тетово се одбива. Се надевам дека ќе има одлука како што треба, партијата да им припаѓа на тие коишто се членови, кај што се мнозинството“,
рече Таравари.
Околу прашањето што е актуелно овие денови – предвремени парламентарни избори, Таравари вели дека нема проблем да има избори, но не гледа потреба за вонреден термин.
„Генерално, нема никаков проблем за избори, меѓутоа знаете дека избори имавме пред 4,5 месеци. Нема логика повторно да имаме, меѓутоа ако имаме широк консензус меѓу сите партии дека ни требаат избори, нема никаков проблем и ако не гледам потреба повторно, ние сигурно ќе имаме избори 2025 година. Меѓутоа, локални избори, тоа се избори во коишто ќе видиме кој како стои и каде стои“,
одговори Таравари додавајќи дека на конгресот нема да се разговара за предвремени избори.
На новинарско прашање дали ќе има уставни измени, Таравари рече дека е оптимист оти ќе се најде некое решение да се случат промени.