На настанот учествуваа политички претставници, европратеници и експерти од регионот и Европската Унија, кои дебатираа за иднината на европскиот проект и европската перспектива на земјите од Западен Балкан
Европската иднина на Западен Балкан не е прашање на избор, туку стратешка нужност, а проширувањето на Европската Унија треба да се гледа како инвестиција во стабилна, безбедна и политички кохезивна Европа. Ова беше клучната порака од регионалната конференција „Quo vadis Europa 2025?“, која во изминатите два дена се одржа во Скопје, во организација на Либерално-демократската партија, во соработка со АЛДЕ и Мрежата на либерали од Југоисточна Европа (LIBSEEN).
На настанот учествуваа политички претставници, европратеници и експерти од регионот и Европската Унија, кои дебатираа за иднината на европскиот проект, геополитичките предизвици и европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

Во фокусот на дискусиите беа процесот на европски интеграции, усогласувањето со европските стандарди, регионалната соработка и потребата од поефикасна и политички посилна Европска Унија, способна навремено да одговори на безбедносните и економските предизвици. Учесниците оценија дека проширувањето не смее да остане бирократски процес што постојано се одложува, туку мора да се третира како стратешка одлука.
Отворајќи ја конференцијата, претседателката на ЛДП Моника Зајкова, посочи дека Македонија донела тешки и често болни одлуки во име на европската иднина, покажувајќи храброст и посветеност на европските вредности. Сепак, според неа, напредокот на земјата останува неизвесен не само поради домашните реформи, туку и поради слабостите во самиот процес на европско одлучување.
„За земјите кандидати како Северна Македонија, Црна Гора, Косово и други, ова не е техничка дебата – ова е прашање на доверба. Доверба дека нашиот напредок ќе биде оценуван правично и дека ЕУ може да дејствува како политичка унија, а не само како форум за бесконечни одложувања“,
рече Зајкова.
Зајкова оцени дека преминот кон квалификувано мнозинство во клучните области не значи слабеење на државите членки, туку зајакнување на способноста на Унијата да носи одлуки и да дејствува. Таа порача дека Западниот Балкан не е периферија, туку недовршен дел од европската приказна и дека интеграцијата мора да биде реална и неповратна.

Претседателката на АЛДЕ и европратеничка, Свенија Хан, истакна дека е време процесот на проширување со Западен Балкан конечно да биде заокружен, оценувајќи дека регионот е составен дел од Европската Унија.
„Ако сакаме силна и просперитетна Европа мора да го одржиме единството, а само проширена Европа може да обезбеди го обезбеди тоа. Европа нема да биде целосна без земјите од Западен Балкан“,
рече таа.
Од името на македонската држава, претседателот на Собранието Африм Гаши порача дека европската перспектива останува стратешка определба на Македонија. Тој нагласи дека евроинтеграциите не се краткорочна политика, туку долгорочен и консензуален процес, во кој државата вложува преку реформи, зајакнување на владеењето на правото и усогласување на законодавството со европското.
Заедничкиот заклучок од дискусиите e дека без интеграција на Западниот Балкан, Европската Унија не може да биде ниту целосна, ниту геополитички кредибилна, а проширувањето мора да се гледа како стратешка нужност, а не како процес што постојано се одложува.
