Напоменуваме дека голем дел од доказите се веќе во ОЈО како пропратен материјал на кривичната пријава која Комората ја поднесе за Комисијата за надзор, врз основа на чиј извештај постапи министерот, велат од Стоматолошката комора
Веста дека министерот за здравство Азир Алиу ги доставил до Јавното обвинителство сите докази за наводни неправилности ја примиле со одобрување, велат од Стоматолошката комора. Според комората, тоа е можност – доказите да стигнат пред непристрасна институција и да ги потврдат, како што велат, нивните тврдења за исправноста во работењето на Комората.
„Исто така напоменуваме дека голем дел од доказите се веќе во ОЈО како пропратен материјал на кривичната пријава која Комората ја поднесе за Комисијата за надзор, врз основа на чиј извештај министерот постапи како што постапи“,
велат од Стоматолошката комора.
Претходно од Министерството за здравство соопштија дека целокупната документација и извештаите од надзорот над работењето на Стоматолошката комора на Северна Македонија се доставени до Основното јавно обвинителство.
Во Обвинителството, велат од Здравство, се предадени три извештаи на комисијата за надзор, со датуми 25.2.2025, 15.5.2025 и 21.5.2025 година, кои се однесуваат на законитоста на работата на Стоматолошката комора.
Покрај извештаите, оттаму велат дека предадени се и дополнително известување до Стоматолошката комора од 11.3.2025 година, како и друга документација од секторот за стоматолошка здравствена заштита.
Поради настанатата состојба, Министерството за здравство привремено ја презеде надлежноста за издавање и продолжување на лиценците за доктори по стоматологија. Докторите можат да ја достават потребната документација во архивата на Министерството, до секторот за стоматолошка здравствена заштита.
Преземањето на надлежноста следуваше откако министерот за здравство Азир Алиу рече дека надзорот на документите на Стоматолошката комора детектирал сериозни пропусти како едукации преку нерегистрирани здруженија и сертификати кои неправилно се користеле за продолжување на лиценците.