Според Симовски, пописот бил спроведен со почитување на сите здравствени протоколи и потврда за тоа е што заболеле само осум попишувачи

Пописот 2021 успешно заврши и покрај сите неповолности. Сега треба да ги обработиме податоците и крајот на март, почетокот на април идната година да излеземе со конечните податоци од пописот, што е полесниот дел од работата, бидејќи зависи само од нас, без надворешни фактори, изјави директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски во своето обраќање на денешната панел-дискусија за пописот 2021 година, во организација на ЦИВИЛ.
Клучната работа, според Симовски, е дека покрај сите неповолности, како што е пандемијата, одложувањето поради политички причини, летните одмори, отворената кампања за бојкот, како и техничките проблеми со апликацијата и тоа што интернет-страницата беше постојана цел на хакерски напади, пописот е успешно спроведен.
„Со самото спроведување на пописот, како институција, се надевам дека покажавме дека може да се враќа вербата во институциите во државата. Дека постојат институции што функционираат како што треба, дека не сме класична бирократија и дека постоиме за другите“,
изјави Симовски.
Според Симовски, пописот бил спроведен со почитување на сите здравствени протоколи и потврда за тоа е што заболеле само осум попишувачи.
„Речиси пет илјади луѓе беа вклучени во целата операција. Осум попишувачи заболеа од ковид во оваа операција и немаме досега добиено информација дека кое било домаќинство имало проблем во овој дел, дека некој да заболел затоа што попишувачот го пренел, и само еден државен инструктор во домашни услови го стекна. Тоа покажува дека ги следевме максимално поставените протоколи и тие биле навистина добри“,
изјави Симовски.
Симовски, уште еднаш изрази уверување, дека нема да остане ниту еден човек што нема да биде дел од конечните податоци од пописот, нагласувајќи дека нивна цел била сите да бидат опфатени со теренскиот дел, што ќе се знае откако ќе се заврши со прочистување на базата.
„Нашата обврска како институција е сите субјекти во државата да добијат навремена, квалитетна и точна информација, врз основа на кои што ќе креираат квалитетни политики, на развој, образование, економија и итн,“
додава Симовски.