Иако минатите беа двојни избори, Кондарко нагласи дека ДИК имала предвид дека локалните избори се најобемни и најсложени за организирање и надоместоците ќе останат на ниво на последните претседателски и парламентарни избори

Надоместоците за членовите на Избирачките одбори (ИО) и Општинските изборни комисии (ОИК) за спроведување на локалните избори 2025 година нема да се намалат, туку ќе се движат на ниво на последните претседателски и парламентарни избори.
Ова денеска го кажа претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко, откако на јавна седница едногласно беше усвоен Правилникот за надоместоци.
Кондарко посочи дека надоместоците се одредуваат врз основа на однапред дефинирани критериуми, вклучувајќи ги видот, обемот и сложеноста на работниот ангажман. За Избирачките одбори ќе има градации според бројот на запишани избирачи, а за општинските изборни комисии според бројот на избирачки одбори.
Иако минатите беа двојни избори, Кондарко нагласи дека ДИК имала предвид дека локалните избори се најобемни и најсложени за организирање.
Изгласаниот Правилник ќе биде доставен до сите изборни органи, а ДИК ќе донесе посебна одлука за определување на соодветните надоместоци за сите категории.
Кондарко, исто така, соопшти дека ДИК очекува распишување на локалните избори во четирите општини каде што немаше постигнат цензус и тоа во Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово Ростуше. ДИК ќе започне со изборниот процес веднаш по добивањето на решението за распишување од страна на претседателот на Собранието.
