Пред почетокот на вонредниот Самит на ЕУ, претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен нагласи дека макотрпно се работи на шестиот пакет санкции и на ембаргото врз руската нафта, но оти нема високи очекувања дека тоа ќе се случи за следните 48 часа
Компромис на ембарго врз руската нафта е можен, но не во следните 48 часа, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен пред почетокот на вонредниот ЕУ-самит, јави дописничката на МИА од Брисел.
Предлогот за санкции врз руската нафта е предлог на институцијата на Фон дер Лајен, Европската комисија.
Пред почетокот на Самитот, претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, нагласи дека макотрпно се работи на шестиот пакет санкции и на нафтеното ембарго, но оти нема високи очекувања за следните 48 часа.
„Уште не сме успеале но работите созреаја, очекувањата се мали за следните 48 часа, но имам доверба дека потоа постои можност, мојот повик до сите земји членки е дека единствен пат до успехот е солидарност со Украина и единство на ЕУ“,
рече Фон дер Лајен.
Ова е шести предлог на пакет санкции против Русија откако почна војната во Украина. Досега сите други пет пакети беа одобрени од страна на земјите членки, но прашањето за ембарго на руската нафта предизвика поделби помеѓу членките на ЕУ. Најзависните земји од Русија, без излез на море, како Унгарија, се посебно засегнати од руската нафта и засега го кочат процесот на воведување ембарго.
Пред малку амбасадорите на земјите членки успеаја да се договорат дека треба да се изнајде компромис за ембарго врз нафтата, но модалитетите остануваат неизвесни.