Според д-р Катерина Паниќ-Мирчовска, компресивната облека им дозволува да ги вршат секојдневните активности, да одат на физикална терапија. Облеката е со заштитен фактор 30
На 58 повредени во пожарот во т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани им е дадена компресивната облека и тие веќе ја носат и имаат видливи позитивни промени на самите лузни, рече на денешната прес-конференција во Владата, д-р Катерина Паниќ-Мирчовска, директорката на кочанската болница.

На други 14 лица, како што додаде, им се направени мерења за носење компресивна облека, која повредените ќе мора да ја носат две години, но таа ќе се менува согласно препораките.
„Компресивната облека им дозволува да ги вршат секојдневните активности, да одат на физикална терапија. Тие се со заштитен фактор 30“,
рече таа.
Најави дека одморалиштето на Пониква утре ќе прими пациенти од трагедијата во Кочани.
Во соработка со Владата, како што рече директорката, донесени се потребните кремови за апликација на изгорениците, односно првата пратка веќе пристигнала во болницата и дел од неа е однесено и во одморалиштето на Пониква. Стигнати се и лепенки што пациентите долго ги барале, а првата пристигната тура броела 95 лепенки.
Во текот на престојот на Пониква, за оние пациенти што се во училиште, во план е да има средба и со нивни наставници, педагози и психолози од нивните училишта.
Во тек е реконструкција на просторот на физикална медицина во кочанската болница, со вкупна површина од 350 квадратни метри. Рокот за завршување на работите бил предвиден во наредните три до четири недели.
Во пожарот во Кочани, што се случи утрото на 16 март, загинаа 62 лица, околу 200 беа повредени, а уште 10 се на болничко лекување, по петмина во Македонија и во странските медицински центри.