Во прилог на своите тврдења, компанијата доставува и табела со склучени и реализирани договори за јавни набавки по години, со институции раководени од функционери на СДСМ, како доказ за транспарентноста и законитоста на нивното работење
Компанијата „Пирамид билдинг солушнс“, која изминатите два дена е главна тема на прес-конференциите на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), попладнево испрати соопштение до медиумите, во кое ги отфрла обвинувањата изнесени од aнтокорупцискиот тим на опозициската партија, оценувајќи дека станува збор за селективно и тенденциозно прикажување на податоци со цел да се наруши угледот и деловната репутација на фирмата.
Антикорупцискиот тим на СДСМ (АКТ) вчера соопшти дека компанијата „Пирамид билдинг солушнс“ инкасирала 16 милиони евра од преку 51 тендер во општини раководени од кадри на ВМРО-ДПМНЕ.

Од компанијата велат дека во последните денови се соочуваат со јавни напади, клевети и тенденциозно пласирани информации, изнесени од СДСМ преку прес-конференции на Јон Фрчкоски и Петар Огненовиќ, на кои, додаваат, се изоставуваат клучни факти и се создава искривена слика за нивното работење.
„Повеќе од 15 години успешно и континуирано работиме на македонскиот пазар, без ниту еден скандал, со доследно почитување на законите и процедурите и со континуиран раст базиран на квалитет, професионалност и реална пазарна конкуренција“,
се вели во соопштението од компанијата.
Оттаму посочуваат дека во јавните настапи на СДСМ не е споменат клучен факт, осносно дека токму во време на владеењето на партијата и на институциите раководени од нивни функционери, компанијата има добиено значителен број договори за јавни набавки.
Според компанијата, тие договори биле законски добиени и целосно реализирани.
Во прилог на своите тврдења, компанијата доставува и табела со склучени и реализирани договори за јавни набавки по години, со институции раководени од функционери на СДСМ, како доказ за транспарентноста и законитоста на нивното работење.
Во табелата се наведени 57 добиени договори за јавни набавки од 2017 до 2022 година.
Антикорупцискиот тим на СДСМ (АКТ) завчера презентира наводи за скандал поврзан со распределба на општински тендери.
Членот на Извршниот одбор на партијата, Јон Фрчкоски, на прес-конференција откри дека компанијата „Пирамид билдинг солушнс“ инкасирала неверојатни 16 милиони евра преку 51 тендер во општини раководени од кадри на ВМРО-ДПМНЕ.
Кажувајќи ги по општини, Фрчкоски рече дека само во скопски Аеродром оваа „омилена фирма“ има добиено 22 тендери, од Гази Баба 10, но и од Ѓорче Петров, Прилеп, Битола, Гевгелија.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ како неосновани ги одби овие обвинувањата, посочувајќи дека не е понуден ниеден доказ за незаконско постапување за случајот што се посочува.
Според денешните наводи на СДСМ, сопственик на фирмата е извесен Петар Доновски, кој, како што велат оттаму, бил член на Избирачки одбор од ВМРО-ДПМНЕ на Избирачко место 2680 во Аеродром.
Потоа, од владејачката партија упатија прашање дали човек смее да има фирма, да учествува на тендер и да биде член или симпатизер на политичка партија.
