Согласно прогласената кризна состојба, одлуките може да бидат и селективни, па може за тие компании кои не ги намалиле цените да не важи веќе оваа мерка, а за тие што ги имаат намалено и навистина се потрудиле да направат максимални напори за да им излезат во пресрет на граѓаните – за нив да продолжи до крајот на април, вели министерот за економија

За домашните компании за производство на основни прехранбени производи, кои плаќаат струја по повластена цена, а кои ги немаат намалено цените, може да не важи веќе оваа мерка за поддршка од Владата. Ова денеска го најави министерот за економија Крешник Бектеши на брифинг со новинарите, одговарајќи на новинарско прашање да даде објаснување зошто во прехранбениот сектор не им се укинува повластената цена на електрична енергија, со оглед на тоа што само два или три производи се намалени во маркетите.
„Би требало кон крајот на овој месец да имаме конечен извештај од Државниот пазарен инспекторат и согласно тој извештај ќе се донесат одредени одлуки. Согласно прогласената кризна состојба, одлуките може да бидат и селективни, па може за тие компании кои не ги намалиле цените да не важи веќе оваа мерка, а за тие што ги имаат намалено и навистина се потрудиле да направат максимални напори за да им излезат во пресрет на граѓаните – за нив да продолжи до крајот на април“,
рече Бектеши.
Тој додаде дека на дневна база разговараат со стопанските комори и со одредени сектори во делот на индустријата, посебно со домашните производители на прехранбени производи.
„Во случај ако нема дополнително намалување, секако ќе бидеме доведени во ситуација тоа да се укине како поддршка од страна на Владата. Целта на таа поддршка која ја дадовме по барање на Стопанските комори беше да се влијае во делот на намалување на цените на основните прехранбени производи“,
рече Бектеши.
Според него, цените на основните прехранбени производи се намалуваат на процентот кој е договорен меѓу компаниите и Владата и согласно очекувањата на потрошувачите.
„Ако цените на овие производи не се намалат согласно договорениот процент, тогаш подобро тие средства да им ги дадеме директно на граѓаните преку различни мерки. На тој начин ќе можеме директно да влијаеме и да им помогнеме на тие домаќинства кои имаат повеќе потреба, а сè со цел полесно да се соочуваат со инфлацијата и со зголемувањето на цените“,
додаде Бектеши.
Министерот нагласи дека имаат анализи на цените и кај одредени производи има намалување.
„Кажавме дека намалувањето треба да се движи меѓу 7 и 13 отсто за одредени производи. Одредени домашни производители веќе ги имаат намалено цените во оваа рамка од 7 до 13 отсто, но, за жал, некои не го направиле тоа“,
кажа тој нагласувајќи дека до крајот на овој месец во извештајот на ДПИ ќе се види движењето на цените од денот кога почнала да се реализира оваа мерка.