„Со ваква маржа нема да можеме да опстоиме. Воедно, ќе мора да донесуваме и рестриктивни одлуки, за отпуштање на нашите вработени и реструктурирање на работењето и затворање на маркетите“, велат од Комората
Досега, велат од Комората, во формирањето на цените, не се мешала ниту една влада, бидејќи има пазарна економија и цените се формираат во зависност од понудата и побарувачката

Новооснованата Стопанска комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалаци и тутун ја оспорува владината одлука за ограничување на маржите на производите на 10 проценти и бараат итно да се најде заедничко решение.
Од Комората велат дека со сите аргументи што ги имаат побарале итна средба со владата и очекуваат дека таа ќе се оствари во најбрзо време.
Целта е, додаваат оттаму, да се пристапи кон изнаоѓање на причинителите на состојбите и да се бара одговорност од нив, а не, како што велат, да се префрла вината на трговците.
„Популистички мерки не носат решавање на проблемите на долг рок“,
велат од Комората.
Со ваквата одлука, од Стопанската комора велат дека трговците ќе бидат ставени во ситуација да го доведат во прашање опстанокот на компаниите.
„Со ваква маржа нема да можеме да опстоиме. Воедно, ќе мора да донесуваме и рестриктивни одлуки, за отпуштање на нашите вработени и реструктурирање на работењето и затворање на маркетите“,
се вели во соопштението од Стопанската комора испратено до медиумите.
Според Комората, со ваквата одлука во прашање се доведува опстојувањето на 86 трговски фирми, со 790 продавници и 4 700 вработени.
Оттаму посочуваат и на останатите давачки што ги имаат како трговци, а за кои велат дека изминатите години се зголемени.
Велат дека анализите покажуваат дека маркетите не се одговорни за зголемувањето на цените, туку ценовната политика ја водат доставувачите и производителите.
„Никогаш не ги зголемуваме цените самостојно, туку промената се случува поради промените на цените на производителите или доставувачите и токму поради ова маркетите се под постојан притисок да се прифатат новите ценовници. Доколку тоа не се направи, не се испорачуваат производите. Додека трговците работат со минимални профити, доставувачите продолжуваат да остваруваат значителни маржи, без да ги намалат цените“,
се додава во соопштението.
Од Стопанската комора бараат да се пристапи кон изнаоѓање на причинителите на состојбите и да се бара одговорност од нив. Проблемот, додаваат оттаму, треба да се реши трајно, да се направи контрола за заработката и маржата од производителите и увозниците и на крај трговците.
Досега, велат од Комората, во формирањето на цените, не се мешала ниту една Влада, бидејќи има пазарна економија и цените се формираат во зависност од понудата и побарувачката.
„Ако има зголемена понуда, цените сами се намалуваат, без да интервенира Владата, а за да се зголеми понудата, треба да се зголеми производството“,
додаваат оттаму.
Инаку, во соопштението од Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун наведуваат дека е основана на 10.02.2025 година и е во фаза на упис во Централниот регистар.
Одлуката за 10-процентно ограничување на маржите во трговијата на мало и големо се очекува денеска да биде донесена на владина седница. Според најавите, таа ќе трае до 30 април.
Ограничувањето на маржата ќе биде на истите 73 групи производи кои беа во претходните кошници, но треба да се дополни со средства за хигиена како што се детергентите и со бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а истите се дел од основните потреби на граѓаните.
Одлуката за ограничување на маражата е донесена врз основа на извештајот од Државниот пазарен инспекторат кој покажува дека кај трговците на мало е утврдено дека има над 20 проценти маржа на основните прехранбени производи и над 30 проценти маржа кај средствата за лична хигиена. Кај увозниците дистрибутери се утврдени повисоки маржи кои одат дури и до 50 проценти.