Претседателот на Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, Марјан Прпоски, вели дека посадата на воздухопловот не е во животна опасност. Додава дека Комитетот ја добил информацијата за падот на спортскиот воздухоплов од типот Пајпер 28 денеска во 12:30 часот, по што веднаш е излезено на терен и започнато со истрага
Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти (КИНСИВ) почна истрага откако мал спортски авион денеска се урна во Мавровското Езеро.

Претседателот на КИНСИВ, Марјан Прпоски, во изјава за МИА вели дека посадата на воздухопловот не е во животна опасност. Додава дека Комитетот ја добил информацијата за падот на спортскиот воздухоплов од типот Пајпер 28 денеска во 12:30 часот, по што веднаш е излезено на терен и започнато со истрага.
„Воздухопловот е во приватна сопственост и со американски регистарски ознаки. Посадата на воздухопловот не е во животна опасност“,
изјави Прпоски и најави повеќе информации од истрагата во наредните денови.
Претходно денеска СВР Тетово информира дека две лица се пренесени во болницата во Гостивар поради повреди со кои се здобиле при падот на спортскиот авион во Мавровското Езеро.
„Според пријавеното, од авионот на копното успеале да излезат двајца косовски државјани Џ.П.(41) и Д.М.(64), кој го управувал леталото. Тие се здобиле со повреди и се пренесени во болницата во Гостивар за укажување помош,
изјави портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи.
Во разговор со полициски службеници, Д.М. изјавил дека поради проблем со моторот слетал во езерото.
