Со амандманот пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараат околу 4,5 милијарди денари за зголемување на платите во администрацијата за 15 отсто. Во рамките на амандманската расправа за Предлог-буџетот Комисијата треба да разгледа вкупно 263 амандмани од кои 199 се поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ
Попладневното продолжение на амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2023 година на собраниската Комисија за финансирање и буџет ја вжешти атмосферата уште по дискусијата и гласањето по првиот амандман поднесен од ВМРО-ДПМНЕ, поради што претседателот на Космијата, Бојан Стојаноски од редовите на опозициската партија, даде 15 минути пауза за, како што рече, да се смират страстите, бидејќи нема услови за работа.

Со амандманот пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараат околу 4,5 милијарди денари за зголемување на платите во администрацијата за 15 отсто.
Во рамките на амандманската расправа за Предлог-буџетот Комисијата треба да разгледа вкупно 263 амандмани од кои 199 се поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Откако пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска го образложи амандманот, а по неа зборуваше и нејзината сопартијка Ели Панова, претседателот на Комисијата Бојан Стојаноски ја затвори расправата и го стави на гласање амандманот, по што констатираше дека „за“ гласале шест члена на Комсијата, а ниту еден не се изјаснил „против“ или „воздржан“.
По ова уследи реакција од пратениците од владејачкото мнозинство кои побараа пауза, обвинувајќи дека гласањето не било уредно затоа што додека се одвивало сè уште не биле вратени нивните колеги кои биле на друг настан.
Марија Георгиевска од СДСМ побара Стојаноски да го корегира и да го повтори гласањето, оценувајќи дека постапувањето на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ „е крајно несерозно и недостојно и оти се продаваат евтини финти во Комисијата“.
„Не е коректно, заменик-координаторот ве праша колку се пријавени. Не се дојдени колеги кои се надвор на настан. Ве прашавме колку има за говор, цело време се договарате со очи како треба да настапите. Вакви финти да правите во Комисијата е крајно несериозно од ваша страна, ова е насилно што го правите. Што мислите дека ќе постигнете со ова? Најавувате дека ќе зборуваат седум луѓе и ние го слушаме тоа, а потоа ставате на гласање. Знаете дека ова ќе создаде нервоза. Ова е недостојно, продавате финти што е крајно несериозно“,
рече Георгиевска.
Претседателот на Космијата, Стојаноски ги отфрли тврдењата дека ја нарушил работата на Комисијата и Деловникот. Објасни дека заклучил оти сите арументи од расправата се исцрпени по излагањето на двете пратенички, по кои и тој бил пријавен за збор, но, како што рече, заклучил дека сите аргументи од расправата се исцрпени и нема поента да се вклучи во расправата.
„Пријавените пратеници по мене се откажаа, а веднаш откако се повлекоа јас морав да постапам и амандманот беше ставен на гласање, вие не гласавте“,
рече Стојановски.
Амандманот со кој ВМРО-ДПМНЕ побара финансии за зголемуваење на платите на администрацијата не беше прифатен од заменик-министерот за финансии Филип Николовски.
„Во кризно време Владата успеа да ги подигне платите на над 85.000 вработени во јавниот сектор во различен сегмент и со тоа покажа грижа за вработените во јавната администрација“,
рече Николовски во образложението.
Во претпладневниот дел од работата на Комисијата за финансирање и буџет не беше усвоен амандманот поднесен од ВМРО-ДПМНЕ со кој се бараше да се одложи зголемувањето на данокот на додадена вредност (ДДВ) за електрична енергија од 5 на 10 отсто, што е планирано да стапи на сила од 1 јануари, идната година.