Во државава во моментов официјално има 8 271 активен случај со ковид-19, од кои најмногу – 3 775 се во Скопје. Состојбата со вакцинацијата, пак, заклучно со 15 ноември покажува дека во земјава вакцинирани се 815 523 граѓани од кои ревакцинирани се 785 916, а трета доза примиле 56 349

Комисијата за заразни болести утрово одржува состанок на кој се очекува да бидат разгледани и предложени нови рестрикции за невакцинираните граѓани затоа што тие најмногу ги оптоваруваат болниците.
Ваква најава вчера даде и министерот за здравство Венко Филипче наведувајќи дека по состанокот ќе се достават конкретни предлози до Владата.
„Болничкиот систем сега најмногу го оптоваруваат невакцинираните пациенти. Тоа дефинитивно не смееме да го толерираме понатаму. Доаѓа зимска сезона и време на настинки и други пациенти ќе го оптоваруваат дополнително болничкиот систем. Во услови кога има доволно вакцини, апсолутно не е дозволиво граѓаните да не се вакцинираат. Со вакцинирањето не само што водат сметка за своето здравје, туку и за здравствениот систем. Ние не можеме бесконечно долго да оставиме вака да биде преоптоварен здравствениот систем“,
изјави Филипче вчера во дневникот на Канал 5 ТВ.
Од неговиот кабинет утрово најавија дека по состанокот министерот ќе одржи и прес-конференција.
Во државава во моментов официјално има 8 271 активни случаи со ковид-19, од кои најмногу – 3 775 се во Скопје.
Состојбата со вакцинацијата, пак, заклучно со 15 ноември покажува дека во земјава вакцинирани се 815 523 граѓани од кои ревакцинирани се 785 916, а трета доза примиле 56 349.
„Опфатот со вакцинација со една доза вакцина на полнолетната популација е 58 отсто, а со две дози опфатени се 47 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 39 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 38 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина“,
информираше вчера Министерството за здравство.