Комисијата за заразни болести го одобри протоколот за организирање јавни настани, кој минатата недела го предложија претставници на Здружението на музичари и на организатори на настани, потврди денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Филипче рече дека денеска е донесена дозвола да се организираат јавни настани со тоа што местото треба да биде пополнето не повеќе од 50 проценти од капацитет каде што ќе се организира настанот, а маските ќе бидат задолжителни.
Филипче истакна дека предложениот протокол е солиден зашто предвидува контролиран влез на настанот, а картите ќе се продаваат електронски за да не се прават редици и метеж.
„Мислам дека е одличен протекол. Здруженијата земаат и обврска самите да го контролираат спроведувањето на превентивните мерки на местата каде што ќе има настани, што е апсолутно за пофалба таквиот нивни професионален пристап“,
рече Филипче.
Одлуката ја поздравија од „Авалон продукција“, од каде што најавија концерти од август.
„Успеавме да се договориме со Министерството за здравство концертите да се вратат во Македонија под повеќе од достоинствени услови за публиката да може да ужива, а сепак по протоколи (заштитни маски и скратени капацитети) за безбедно одржување! ‘Авалон’ се враќа со одлична концертна понуда за август и во септември“,
се вели во нивното соопштение.
