Препораката од Комисијата учениците во основните училишта да се ослободат од обврската да носат маски, додека тоа да остане само за наставниците и останатиот персонал од минатата недела се уште не е разгледана на Главниот координативен штаб, по што таа ќе се најде и на Влада
Комисијата за заразни болести на денешната седница ја разгледа актуелната епидемиолошка состојба и се дискутираше во насока на интензивирање на кампањата за вакцинација против ковид-19 преку пласирање научно проверени информации преку социјални мрежи и медиуми, со цел соодветно да се информира и едуцира јавноста за безбедноста и ефикасноста на вакцините, соопштија од Комисијата.
Според информацијата која денеска писмено беше соопштена, Комисијата денеска не донела никакви препораки во однос на антиковид мерките.
„Иако ситуацијата е мирна луѓето да бидат свесни дека вирусот е присутен, а вакцинацијата е најбезбедниот начин за спречување на тешка форма на болест, хоспитализација и смртен исход. Комисијата за заразни болести, во согласност со епидемиолошкиот ризик, како и ситуацијата со европските земји ќе продолжи внимателно да ја следи актуелната состојба и доколку постои можност ќе предлага постепено релаксирање на мерките“,
се вели во соопштението.
Препораката од Комисијата учениците во основните училишта да се ослободат од обврската да носат маски, додека тоа да остане само за наставниците и останатиот персонал од минатата недела се уште не е разгледана на Главниот координативен штаб, по што таа ќе се најде и на Влада.
Владиниот портпарол Душко Арсовски, денеска, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека досега не е закажана седница на овој Штаб.
Министерот за здравство Беким Сали пред два дена посочи дека посакува целосно да се ослободиме од маските, меѓутоа, како што додаде, реалната состојба не го вели тоа.
Во моментов во тек е карванот за вакцинација, со кој ќе се опфатат 14 општини и населени места: Шуто Оризари, Кратово, Радовиш, Струмица, Ново Село, Скопје (пред „Ист гејт мол“), Куманово, село Матејче во Липково, Арачиново, село Сандево во Чучер Сандево, Зелениково, село Неготино во Врапчиште, Кичево и Струга.
Карванот го организира Министерството за здравство со поддршка од Светската здравствена организација, УСАИД и УНИЦЕФ.
Четири часа во денот (од 11 до 15 часот или од 12 до 16 часот) на плоштади, пазари, домови на културата во овие локални заедници граѓаните ќе имаат можност да се вакцинираат и да се информираат за придобивките од имунизацијата против ковид-19.
ИЈЗ во вчера објавениот неделен извештај наведува дека бројот на заразени се зголемил за минимални 0,9 отсто, а пораст од 15,7 отсто има кај реинфекциите, додека бројот на починати се намалил за над 56 отсто, како и на оздравени за 26,2 отсто.