На дневен ред на собраниската комисија утре е и распишување оглас за именување нов претседател и член на Антикорупциската комисија

Комисијата за прашања на изборите и именувањата во Собранието утре ќе распише јавен оглас за именување нов претседател и член на ДКСК, по оставката на функцијата на Татјана Димитровска. Воедно утре ќе се врши избор и на народен правобранител.
Изборот на нов претседател на ДКСК би можел да се поклопи со распишувањето на локалните избори на 8 август, а претседателот на Комисијата Ѓорѓија Сајкоски за МИА изјави дека ќе се бара мислење од ДКСК за пречекорување на овој датум.
„Важно ни е да го почитуваме законот, но исто така сакаме ДКСК да има претседател бидејќи во октомври има локални избори“,
изјави Сајкоски.
Комисијата утре треба да донесе предлог-одлука за избор на нов народен правобранител, за огласот кој заврши во саботата.
Пријавени се 17 кандидати, а меѓу нив е актуелниот заменик правобранител Илбер Руфати, шефот на кабинет на претседателот на Собранието, Дритон Небиу, Доан Сулејмановски, Мухамед Ходаи, Фатон Селами и други.
На дневен ред на Комисијата за прашања на изборите и именувањата утре е и утврдување предлог-одлука за изменување на одлуката за разрешување и именување претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“ и разгледување барање за остварување право на плата по престанок на функцијата член на Судскиот совет на Република Северна Македонија.