Министерството за надворешни работи на Израел категорично го отфрли извештајот и го осуди го како искривен и лажен
Истражната комисија на Обединетите нации (ОН) соопшти дека Израел извршил геноцид врз Палестинците во Газа, пренесува Си-ен-ен. За негово поттикнување го обвинија израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, но и други високи функционери.

Во извештајот, објавен на 72 страници, пишува дека Израел во Газа од почетокот на војната со Хамас во 2023 година, извршил четири од петте дела на геноцид дефинирани со меѓународното право, а тоа се убивање членови на групата, во случајот Палестинци во Газа, нанесување тешки телесни и ментални повреди, намерно создавање услови насочени кон уништување на групата и спречување на раѓања во рамки на групата.
Како доказ за геноцидна намера, се наведуваат изјавите на израелските лидери и моделот на однесување на израелските сили.
За да се исполни законската дефиниција за геноцид според Конвенцијата за геноцид, мора да се утврди и дека сторителот извршил некое од тие дела со специфична намера целосно или делумно да ја уништи групата.
Комисијата анализирала изјави на израелски лидери, како на израелскиот претседател Исак Херцог, на премиерот Бенјамин Нетанјаху и на поранешниот министер за одбрана Јоав Галант во насока дека поттикнувале извршување на геноцид.
„Израелската влада инсистира дека нејзините напори се фокусирани исклучиво на демонтирање на капацитетите на Хамас, а не на народот во Газа. Таа вели дека нејзините сили дејствуваат во согласност со меѓународното право и преземаат сите изводливи мерки за ублажување на штетата врз цивилите. Но, уште на 7 октомври 2023 година, израелскиот премиер Нетанјаху вети дека ќе изврши моќна одмазда на сите места каде што Хамас е распореден, скриен и дејствува во тој злобен град“,
се вели во анализата на Комисијата, дел од извештајот.
Надоврзувајќи се на тоа, се вели дека геноцидната намера била единствениот разумен заклучок што можел да се извлече од моделот на однесување на израелските власти и безбедносните сили во Газа.
Комисијата вели дека моделот на однесување вклучува намерно убивање и сериозно повредување на голем број Палестинци со употреба на тешка муниција, систематски и широко распространети напади врз верски, културни и образовни објекти и воведување опсада на Газа и изгладнување на нејзиното население.
Комисијата е формирана од Советот за човекови права на ОН (СЧП), а е задолжена да ја истражи состојбата на правото во окупираните палестински територии. Својот последен извештај го објави речиси две години откако избувна војната во Газа по смртоносниот напад на Хамас на Израел на 7 октомври 2023 година.
Министерството за надворешни работи на Израел категорично го отфрли извештајот, осудувајќи го како искривен и лажен.
-„Всушност, Хамас се обиде да изврши геноцид во Израел, убивајќи 1200 луѓе, силувајќи жени, палејќи цели семејства и отворено објавувајќи ја целта за уништување на Евреите“,
соопштија оттаму.
Речиси 65 000 луѓе се убиени во Газа од почетокот на војната, според бројките од Министерството за здравство во Газа, кое го води Хамас, а кое Обединетите нации го сметаат за веродостојно.
Масовните раселувања се во тек додека Израел ги засилува напорите за преземање на контролата врз градот Газа, каде што ОН прогласи тотален глад.