Сето она што се случуваше на релација меѓу ЕУ и Република Северна Македонија во изминативе 30 години е огледало на реалната состојба во Унијата, оценува во коментар за ријечкиот весник „Нови лист“, искусниот хрватски дипломат Драго Краљевиќ.
Во текстот се потсетува дека Грција со децении го блокираше пристапувањето на земјава во ЕУ поради спорот за името, кој беше надминат со Договорот од Преспа. По решавањето на овој спор, нови пречки на патот на земјата кон ЕУ става Бугарија.
„Со потпишувањето на Договорот меѓу Бугарија и Македонија во 2017 година, се чинеше дека ќе се решат барем некои отворени горливи прашања меѓу двете земји. За жал, на почетокот на ноември оваа година Бугарија ја извести Европската комисија дека не е во можност да ја прифати предложената преговарачка рамка за Република Северна Македонија и нејзината предлог-декларација бидејќи не ги обезбедуваат потребните гаранции за исполнување на условите што ги бара Бугарија“,
наведува Краљевиќ во коментарот за „Нови лист“.
По ова, се наведува во текстот, Бугарија започна со ултимативни барања, како тоа Северна Македонија „да се откаже од тезата за постоење на етнички Македонци во Бугарија“, потоа „отстранување на одредени македонски историски личности од учебниците затоа што тие наводно биле Бугари“, како и откажување „од употребата на терминологија за „бугарска фашистичка окупација“ на Македонија за време на Втората светска војна“.
„Министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, неодамна изјави дека триесет години по демократските промени, не може од една страна да сакате да бидете членка на европското семејство, а од друга страна да го славите еден од најсуровите диктатори на 20 век – Јосип Броз Тито. Некои, како што е потпретседателот на бугарскиот парламент, Веселин Марешки, лидер на десничарска популистичка партија, отиде чекор подалеку. Тој тврди дека Бугарија и Северна Македонија, бидејќи станува збор за еден народ, треба да се обединат, па со тоа како браќа автоматски да станат европски граѓани“,
пишува во текстот на хрватскиот весник.
Во коментарот се нагласува дека интересно е тоа што според една анкета, дури 83,8 проценти од Бугарите ја поддржуваат блокадата на Северна Македонија сѐ додека не биде постигнат договор за историјата, односно додека Северна Македонија не се согласи со барањата на Софија.
„Без разлика на тоа како ќе се одвива ситуацијата околу Република Северна Македонија, треба да се запомни еден важен факт. Грција и Бугарија се членки на ЕУ, кои при влегувањето во ЕУ ги прифатија основните договори на Унијата, а со тоа и правилата за однесување во согласност со европското законодавство. Затоа, сѐ што се случуваше изминативе триесет години на релација ЕУ-Република Северна Македонија, во исто време е огледало на реалната состојба во Унијата“,
заклучува Краљевиќ за „Нови лист“.