Молкот од 60 минути беше по една минута за сите 59 жртви и една минута молк за возачот на Брзата помош кој почина откако превезе голем број повредни лица

Со пораки за поддршка но и критики, со стихови од песни и 60-минутен молк, денеска напладне во Солун се одржа собир во знак на сеќавање на загинатите во ужасната трагедија во Кочани, јави МИА.
„Солун е со тебе Кочани“, „Едни иселивте, а тие што останаа ги убивте – Кочани 16.03.2025“, „Репертоарот е со години ист, настапува корупција, а народот е публика“ се дел од пораките на паноата на Македонците кои се собраа на плоштадот „Аристотел“ за да им оддадат почит на жртвите.
Молкот од 60 минути беше по една минута за сите 59 жртви и една минута молк за возачот на Брзата помош кој почина откако превезе голем број повредни лица.

На транспарент беа испишани стихови од „Разделба“ на Блаже Конески:
„Нам ни е дадено за ден да сакаме и пак на разделба тажни да бидиме, и пак си велиме: не заборавај ме! – А може никогаш да не се видиме“, но и дел од „Црнила“ на Коле Чашуле – „Како само за нас Македонците да се создадени сите црнила на овој век“.
За собирот, со вклучувања во живо од солунскиот плоштад информираше грчката државна телевизија ЕРТ во пладневното издание на вестите, а објавија и информативните портали, пред сè оние од Солун.
*Фотографиите се во сопственост на МИА