Катерина Колозова, извршна директорка на Институт за општествени и химанистички науки, во дебата за претседателските избори во емисијата „360 Степени“ на Алсат зборуваше за претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, и навредливите коментари кои се ширеа по социјалните мрежи по изборот, а се однесуваа на нејзиниот изглед, возраст и слично.
– Девалвациите секогаш беа ад-хоминем, се однесуваа на нејзиниот изглед, на нејзината возраст… Знам дека сите овие години со анализите коишто сме ги работеле и како институт и јас индивидувално, знам со сигурност дека не постои успешен начин на претставување којшто нема да предизвика негативна форма на сексизам или мизогинија. Ако сте стара, тогаш е проблемот дека сте стара. Ако сте грда, дека сте грда. Ако сте згодна, тогаш е некој друг проблем и други алузии. Ако добро изгледате, веројатно сте глупава. Ако сте млада, сте премногу млада, и така натаму – рече Колозова.
Таа рече дека и поразвиените земји не се пред нас на тој план, и како пример ја спомена претседателската трка во САД во која учествуваше Хилари Клинтон. Колозова вели дека е ужасно тешко кога жени се дел од политички трки.
Сепак, кажа дека во случајот со ВМРО-ДПМНЕ и претседателската кампања забележува нешто поинакво.
– ВМРО-ДПМНЕ во случајов играат многу интелигентно. Треба да се следи внимателно таа игра. Гордана Силјановска којашто секогаш била дотерана госпоѓа, првпат се појавува без шминка, и редовно, ми се чини, е без шминка, без накит, наречена е мајка на нацијата. Значи, се оди на оној стереотип, којшто е девалвирачки меѓудругото, за жените, но којшто е најприфатлив за ова конзервативно, патријархално општество. Една кршлива, мајка, која буди сентиментална приврзаност. И тие очигледно многу итро го имаат спакувано тој пакет – рече Колозова.
Напишете коментар