Од Комисијата нагласуваат дека во текот на денешниот ден добиле укажувања од поголем број потрошувачи дека одредени трговци на мало со нафтени деривати ја ограничувале количината, односно сумата до која го продаваат горивото што се точи во автомобилите
Фотографии од колони возила пред бензинските пумпи во Штип попладнево кружеа на социјалните мрежи, поради објава на Фејсбук дека од понеделник цената на бензинот ќе достигне 100 денари по литар.
Од Макпетрол за Телма ги смируваат граѓаните и велат дека нема рестрикции или прекин на снабдувањето на горива на бензинските пумпи.
„Макпетрол ги известува потрошувачите дека нема рестрикции и прекин во снабдувањето на горивата на бензинските пумпи и покрај фактот дека Макпетрол работи со загуба. Компанијата апелира до потрошувачите да не прават залихи од гориво поради безбедносни причини за да не ја загрозат општата безбедност на граѓаните“,
велат од Макпетрол за Телма.
Покрај во Штип, слична состојба со колона возила пред бензински пумпи била забележана и во други градови како Велес, Гостивар и Тетово.
Од Регулаторната комисија за енергетика пак, за МИА, велат дека нафта има, трговците редовно набавуваат гориво согласно побарувачката, но дел од малите трговци не се однесуваат фер и ја ограничуваат понудата, со што оставаат впечаток дека нема гориво.
„На тој начин си прават „залиха“, која би ја продавале по нови цени што на некој начин во услови на криза е воено профитерство“,
посочуваат од РКЕ.
Од Комисијата нагласуваат дека во текот на денешниот ден добиле укажувања од поголем број потрошувачи дека одредени трговци на мало со нафтени деривати ја ограничувале количината, односно сумата до која го продаваат горивото што се точи во автомобилите.
„Некои бензински пумпи дозволувале до 500 денари да може едно возило да наполни гориво. Други пак не дозволуваат гориво да наполнат камионите. За состојбата РКЕ го извести Државниот пазарен инспекторат веднаш да ги засили контролите на терен кај трговците и да се оневозможи вакво непазарно однесување кое е недозволиво и забрането. Вештачки се нарушува пазарот и се прекршуваат основните принципи за сигурност во снабдувањето со енергија“,
додаваат од РКЕ.