Според информациите што ги изнесе јавниот обвинител, постои основано сомнение дека првоосомничениот во истрагата, кој се јавува како закупец на објектот, реален сопственик и носител на целокупниот деловен потфат и работењето на клубот, во периодот од 13 февруари 2024 година до 13 февруари 2025 година, директно на осомничено службено лице вработено во Министерството за економија дал поткуп за да обезбеди фалсификувана лиценца за вршење на угостителската дејност, за која објектот не ги исполнувал условите
Во врска со тројцата осомничени градоначалници на Кочани, еден во оставка и двајца поранешни, државниот јавен обвинител соопшти дека тие се гонат затоа што во периодот од 2012 година до денот кога се случи пожарот (16 март 2025 година) му овозможиле на т.н. кабаре „Пулс“ да ја врши дејноста спротивно на закон и за целиот тој период Општината примала уплати врз основа на надоместок за угостителски објект
Поранешен министер, ексдржавен секретар, раководител на сектор, раководител на одделение и помлад соработник, сите во Министерството за економија, се дел од 27-те осомничени за пожарот во Кочани, а за кои Основното јавно обвинителство Кочани денеска отвори истрага и предложи мерка 30-дневен притвор, која за дел од осомничените е веќе прифатена од надлежниот суд во Кочани.

Ова денеска на прес-конференција пред Основниот суд во Кочани го соопшти државниот јавен обвинител Љубомир Коцевски изнесувајќи повеќе информации за донесената наредба за спроведување на истражна постапка.
Тие, како што информира Коцевски, со неизвршување на своите должности овозможиле објектот во Кочани, во кој загинаа 59 лица, да работи како кабаре-клуб, иако за тоа не ги исполнувал условите.
„Сите тие со неизвршување на своите службени должности што биле правно должни да ги извршат, не постапиле според прописите и техничките правила за мерките за заштита и на осомниченото правно лице кое не ги исполнувало пропишаните услови и начин за вршење на угостителска дејност во повеќе наврати со лиценци му овозможиле вршење угостителска дејност – кабаре“,
рече Коцевски.
Според информациите што ги изнесе јавниот обвинител, постои основано сомнение дека првоосомничениот во истрагата, кој се јавува како закупец на објектот, реален сопственик и носител на целокупниот деловен потфат и работењето на клубот, во периодот од 13 февруари 2024 година до 13 февруари 2025 година, директно на осомничено службено лице вработено во Министерството за економија дал поткуп за да обезбеди фалсификувана лиценца за вршење на угостителската дејност, за која објектот не ги исполнувал условите.
„Поради тоа, против вработениот во Министерството за економија е поведена постапка и за примање поткуп од член 357 од Кривичниот законик“,
рече Коцевски без да прецизира за кој од осомничените од Министерството за економија станува збор.
Одговарајќи на новинарско прашање колкава сума се нудела во Министерството за економија за да издаде лиценца, Коцевски кажа дека висината на давање и примање поткуп ќе биде дел од истражната постапката.
Прашан во врска со ексминистерот за економија, што требало, а што не требало да направи, врз основа на документацијата, која сè анализира, Коцевски рече дека во текот на неговото излагање само ги опишал само основните дејствија по кои требало да постапи односно не постапил и законските одредби на тоа.
„Што значи, доколку ја прегледате изјавата, ќе видите што требало, а што не требало да преземе. Во овој стадиум на постапката само ова можам да истакнам“,
рече државниот јавен обвинител.
Во врска со тројцата осомничени градоначалници на Кочани, еден во оставка и двајца поранешни, државниот јавен обвинител соопшти дека тие се гонат затоа што во периодот од 2012 година до денот кога се случи пожарот (16 март 2025 година) му овозможиле на т.н. кабаре „Пулс“ да ја врши дејноста спротивно на условите пропишани во Законот за угостителска дејност и други закони. За целиот тој период, како што кажа Коцевски, Општината примала уплати врз основа на надоместок за угостителски објект.
Од осомничените функционери, двајца поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) заедно со тројца инспектори се осомничени затоа што не извршиле инспекциски надзор на објектот за да утврдат дали има важечка лиценца и дали ги исполнува условите да работи како кабаре клуб.
„Поранешен директор на Државниот пазарен инспекторат и три службени лица инспектори, иако биле должни да вршат инспекциски надзор, не ги извршиле своите службени должности и во периодот од 09.01.2020 година до 16.03.2025 година во ниту еден наврат не извршиле контрола над работењето на правното лице за да утврдат дали има важечка лиценца, дали ги исполнува пријавените минимално-технички услови наведени во барањето за Лиценца за вршење на угостителска дејност – кабаре, и другите пропишани услови согласно закон, со што овозможиле кабарето ‘Пулс’ незаконито да продолжи со вршење на угостителска дејност“,
рече Коцевски.