Уставот гарантира телесен интегритет. Никој не може да ви наметне да правите некаква интервенција со цел да се стекнете со одредено право, вели адвокатката Бошкова која го застапуваше и лицето Х во тужбата против државата во Стразбур
Во емисијата се зборуваше и за тоа што СЗО повеќе не ја смета трансродовоста за ментално нарушување, за што пратеничката Морачанин вели дека е добро објаснувањето дека, всушност, менталното нарушување настанува како резултат на неприфаќање на трансродовите лица во општеството

Колку навистина е контроверзно да се овозможи правна процедура за менување на род само со изјава нотар, зошто се потребни овие законски измени, беа дел од прашањата околу кои вечерва во емисијата „360 степени“ на Алсат ТВ дискутираа пратеничката и претседателка на ДОМ, Маја Морачанин, и Наташа Бошкова, правна советничка на Коалицијата Маргини и адвокатка на лицето Х кое ја доби пресудата против државата пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур.
Оваа пресуда ѝ наложува на државата да овозможи правна процедура за признавање на родот, а притоа таа да биде брза, транспарентна и пристапна. Вакви одредби беа превидени во предлог-измените на Законот за матична евиденција, кои Владата преку Министерството за правда неочекувано ги повлече еден ден пред да се најдат на седница на Комисијата за политички систем во Собранието.
Во дебата во „360 степени“, Бошкова посочи дека не е контроверзно да се овозможи промена на род со изјава на нотар, туку дека тоа сега е тренд.
„Ова е трендот во сите демократски држави – да ја признаете автономијата на вашите сограѓани дека некој се чувствува различно од она што му е припишано со ознаката за пол во матична евиденција“,
рече адвокатката.
На прашањето за тоа дали некаде во правната процедура се предвидува за промена да се бара и медицинска документација, Бошкова посочува дека тоа не се бара ниту во Законот за права на пациентите, ниту во Законот за здравствена заштита…
„Уставот гарантира телесен интегритет. Никој не може да ви наметне вас да правите некаква интервенција со цел да се стекнете со одредено право“,
вели Бошкова.
Пратеничката Морачанин зборуваше и за тоа што трансродовоста повеќе не се смета за ментално нарушување, според меѓународната класификација на болести на Светската здравствена организација (СЗО).
„Претходно, во старата класификација, трансродовите беа внесени во категоријата на ментални нарушувања и многу е добро објаснувањето дека е проценето дека трансродовата припадност не е метално нарушување, туку најчесто менталното нарушување настанува како резултат на неприфаќање на трансродовите лица во општеството, за нивна дискриминација, насилство итн. Веќе не е во таа категорија, туку во сосема нова категорија, која се однесува на сексуалното здравје. Зошто останува во класификацијата? За да може повторно да има некоја шифра под која ќе се водат овие луѓе кога сакаат да бидат подложени на хируршка итервенција, хормонална терапија итн.“,
рече Морачанин.
Што предвидуваа законските измени?
Предлог-измените на Законот за матична евиденција, кои беа повлечени, а се однесуваат на делот за небарање медицинска документација, беа предвидени во членот 19-б:
„Во постапката за правно признавање на родот нема да се бара доставување на докази за хируршка процедура за целосно или делумно прераспоредување на гениталии, хормонална терапија или било кој друг психијатриски, психолошки или медицински третман на подносителот на барањето“.
Во следниот член (19-в), пак, се регулира прашањето околу изјавата на нотар која задно со копија од лична карта треба да се поднесе заедно со барањето.
„Изјава од барателот за правно признавање на родот составена од нотар во форма на нотарски акт дека родовиот идентитет не е во согласност со полот назначен во матичната евиденција во моментот на раѓање и дека промената на ознаката за пол не ја прави заради одбегнување на договорна или законска обврска, како и извршување на казна изречена од надлежен суд во Република Северна Македонија и странски суд под целосна материјална и кривична одговорност“,
пишува во дел од повлечените предлог-измени.