Во врска со Законот за правична застапеност, Ќоку најави дека тој утре ќе се најде на седница на Владата и дека наскоро се очекува да влезе во парламентарна процедура

Координаторот на пратеничката група на ВЛЕН, Беким Ќоку, ја отфрли можноста за предвремени парламентарни избори заедно со локалните наесен, како одговор на повиците од „Европскиот фронт“ што денеска ги упати неговиот парламентарен колега Блерим Беџети.
Беџети денеска ги повика владејачките партии ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ на предвремени парламентарни избори обвинувајќи ги за наводно деградирање на албанскиот јазик и игнорирање на Законот за употреба на албанскиот јазик.
Според Ќоку, ДУИ со барањето за предвремени парламентарни избори уште еднаш докажува дека се претворила во политичка партија без идеи и визија.
Тој додаде дека ДУИ е свесна за своето намалување како политички субјект, соочена со континуирани напуштања од членството и дека спасот го гледаат во измислените лаги кон нивните симпатизери дека наводно паѓа владата и ДУИ се враќа.
Според Ќоку, во тоа не верува ниту нивниот најтесен круг.
„Со ВЛЕН во Владата нема веќе да си со 20 години работно искуство и да си сè уште како нов соработник. Денеска имаме Албанци кои уживаат достоинство уште во првата година од нашето владеење. ВЛЕН го претставува целосниот легитимитет на албанскиот народ, нешто што силно и јасно го доживеавме на последните парламентарни избори со 107 илјади гласа, а уште појасно ќе го докажеме со апсолутната победа на претстојните локални избори“,
рече Ќоку.
Во врска со Законот за правична застапеност, Ќоку најави дека истиот утре ќе се најде на седница на Влада и дека наскоро се очекува да влезе во парламентарна процедура.
Запрашан за претстојните локални избори и кандидатите за градоначалници, Ќоку објасни дека разговорите и анкетите сѐ уште траат. Тој нагласи дека наскоро, не како ВЛЕН, но ќе поддржат независен кандидат за градоначалник на Општина Струга.
„Уште вршиме анкети и се договараме, но немаме сè уште имиња. Верувам во Струга наскоро ќе поддржиме независен кандидат. Досега немаме никакви одлуки, но начелно мнозинството соработувало историски на локалните избори“,
додаде Ќоку.
Беџети на прес-конференцијата рече дека изминатата година албанскиот јазик брутално се деградира, дека законите се испраќаат само на македонски јазик, патоказите се менуваат, а повеќе од 78 институции го игнорираат законот за употреба на албанскиот јазик и се обидуваат да го укинат статусот на Инспекторатот за јазикот, каде што вработените веќе со месеци немаат плати.
Тој додаде и дека од страна на владејачката ВМРО-ДПМНЕ биле иницирани 18 предлози за укинување на секој закон што ја штити еднаквоста.