Свириденко е позната како лицето кое стои зад неодамнешниот договор помеѓу САД и Украина за заеднички Инвестициски фонд за реконструкција кој ги регулира приходите од критични минерали, вклучувајќи ги и ретките елементи како нафта и гас

Јулија Свириденко е жената чие име во наредните години сѐ повеќе ќе се наоѓа на информативните платформи ширум светот. Не само затоа што ќе биде втора жена на оваа функција по мандатите на Јулија Тимошенко (4 февруари 2005 – 8 септември 2005 прв мандат и 18 декември 2007 – 4 март 2010 втор мандат), туку затоа што ќе ја предводи земјата во историски тешки моменти.
Досегашниот премиер Денис Шмихал поднесе оставка од функцијата и за очекување е негово назначување на министерската позиција за за одбрана во реконструкцијата на владата која ја најави претседателот Володомир Зеленски.
За политичките експерти Свириденко е позната како лицето кое стои зад неодамнешниот договор помеѓу САД и Украина за заеднички Инвестициски фонд за реконструкција кој ги регулира приходите од критични минерали, вклучувајќи ги и ретките елементи како нафта и гас.
Таа ја предводеше украинската делегација како министерка за економија, која на 30 април годинава го потпиша договорот со американскиот секретар за финансии, Скот Бесент.
Свириденко го пофали договорот како „заемно корисен“ и рече дека тој претставува сигнал за посветеноста на САД кон долгорочен мир во Украина. Со обезбедување на украинска контрола врз ресурсите, фер распределба на приходите и вградена безбедносно-економска врска, таа го позиционираше договорот како пресвртница во стратешката и економската соработка меѓу Украина и САД.

Јулија Свириденко е родена во Чернигов на 25 декември 1985 година. Дипломирала со почести на Националниот универзитет за трговија и економија во Киев во 2008 година, а подоцна завршила неколку постдипломски програми. Истата година, таа ја започнала својата кариера како финансиски економист во украинско-андорска фирма за недвижности во Киев.
Во 2011 година, Свириденко е назначена за раководител на постојаната трговска мисија на Чернигов во Вукси, Кина, каде што работела на привлекување кинески инвестиции во Украина. Меѓу позначајните резултати коишто и се препишуваат, е основањето на Еко-Втор, компанија со седиште во Чернигов, поддржана од 100% странски капитал.
- Влезот во политичкиот свет
Во сферата на јавната служба стапува во 2015 година како советник на раководителот на Регионалната државна администрација на Чернигов. Подоцна истата година, таа станува раководител на Регионалниот оддел за економски развој, а во 2017 година била унапредена во прв заменик-гувернер, привремено извршувајќи ја функцијата највисок функционер во регионот.
За време на нејзиното раководење, Чернигов привлекол над 340 милиони долари странски директни инвестиции – приближно 80% од вкупните 430 милиони долари што регионот ги добил во тоа време.
Во 2017 година, Чернигов е рангиран на прво место од сите украински региони по раст на инвестициите.
Во септември 2019 година, Јулија Свириденко станува заменик-министер, а за помалку од една година станува прв заменик-шеф на Министерството за економски развој.
Од декември 2020 до ноември 2021 година, таа ја извршува функцијата заменик-шеф на претседателската канцеларија за економски прашања, а набрзо станува прв вицепремиер и министер за економија на Украина.
Според политичките експерти, оваа позиција е нејзината „отскочна даска“ за водење на владата.
- Приоритетите на новата влада на Свириденко
Веќе се познати и првите реакции на Свириденко по најавата на претседателот Зеленски. Нејзините приоритети како премиер ќе бидат зајакнување на економскиот потенцијал на Украина, проширување на програмите за поддршка на Украинците и зголемување на производството на домашно оружје.

Иако минорно, во април оваа година, пратеникот Володимир Ариев проба да ја наруши репутацијата на идниот премиер кога рече дека Свириденко има судир на интереси затоа што покрај работата во владата, таа предавала на Киевскиот економски факултет и добивала хонорари. Нешто што, Тимофиј Милованов, директорот на факултетот, го негираше.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази надеж за позитивни резултати од средбата со Јулија Свириденко и планови за подобрување на економската состојба во земјата и ажурирање на работата на владата.
Прашање на денови е кога таа официјално ќе ја преземе новата функција, бидејќи иако беше номинирана од Володомир Зеленски да го замени Денис Шмихал, Јулија Свириденко ќе ја преземе улогата кога Врховната Рада (украинскиот парламент) ќе изгласа одобрување на нејзината номинација.
Се очекува тоа да се случи во наредните два до три дена но се претпоставува дека тоа нема да биде проблем затоа што мнозинството во законодавното тело го држи партијата на Зеленски.