Рускиот претседател во неговите јавни настапи одбегнува да зборува за неговиот приватен живот и ги отфрла новинарските прашања на таа тема, а врската со поранешната гимнастичарка експлицитно ја отфрла

Русија веќе е под невидени санкции од Западот, а новиот пакет кој го подготвува ЕУ би можел да ја опфати и Алина Кабаева – политичарка, шефица на медиуми, поранешна олимписка гимнастичарка и, ако се точни гласините, мајка на некои од децата на рускиот претседател Владимир Путин.
ЕУ ги дизајнира санкциите за Русија со цел да ги казни најблиските соработници на Путин – олигарси, политичари и други функционери за кои се смета дека имале корист од нивната блискост со претседателот.
Минатиот месец, ЕУ, САД, Велика Британија и Канада на листата санкционирани ги сместија неговите две ќерки Катерина Владимировна Тихонова (35) и Марија Владимирнова Воронцова (36), кои ги има со поранешната сопруга Људмила.
Кабаева живее во Швајцарија и санкциите против неа не би биле изненадување. Во март се покрена и онлајн петиција со која се бараше таа да биде протерана од нејзината резиденција во Швајцарија.
Извори на Би-си-си потврдиле дека таа ќе се најде во новиот пакет санкции на ЕУ, а според новинската агенција „Франс прес“ таа ќе биде мета на санкциите поради нејзината улога во ширењето на пропагандата на Кремљ и поради тоа што е „тесно поврзана“ со 69-годишниот Путин. Наводно, во нацрт-документот на ЕУ Кабаева не е именувана како негова партнерка, а истиот сè уште официјално не е одобрен.

Рускиот претседател во неговите јавни настапи одбегнува да зборува за неговиот приватен живот и ги отфрла новинарските прашања на таа тема, а врската со поранешната гимнастичарка експлицитно ја отфрла.
Во 2008 година весникот „Москва кореспондент“ објави дека Путин планира да се разведе од тогашната сопруга Људмила и да се ожени со Кабаева. Тогаш двајцата демантираа, а набргу потоа руските власти го затворија весникот. Пет години подоцна Путин и Људмила објавија дека се разделиле.
Во времето кога рускиот претседател негираше дека има љубовна врска со Кабаева, таа од успешната спортска кариера запловуваше во политиката.
Русинката се занимаваше со ритмичка гимнастика – дисциплина која до спортското пензионирање и донесе 18 медали од светски и 25 од европски првенства, како и низа олимписки награди. Во својот врв на кариерата, Кабаева самата за себе знаеше да каже дека е најдобра во светот. Имаше свој карактеристичен потег во ритмичката гимнастика кој е ѝ именуван по неа.

Родена е во 1982, а со оваа дисциплина почнала да е занимава од четиригодишна возраст. На меѓународната сцена првпат се појавува во 1996, а две години подоцна го освојува и Европското првенство. Како и бројни други руски спортисти, и во нејзината спортска кариера не недостига дамката од допингот – во 2001 година беше позитивна на забранета супстанција.
Во политиката влегува во 2007 година заземајќи пратеничко место во долниот дом на рускиот парламент. На функцијата, како дел од партијата на Путин „Единствена Русија“, останува до 2014 година кога станува претседателка на Националната медиумска групација која има големи удели во сопствеништвото во речиси сите поголеми руски државни медиуми.
Станува збор за медиумите кои денес важат за најголеми пропагандисти на Кремљ за војната во Украина испраќајќи пораки од типот дека Украинците сами ги гранатираат украинските градови и презентирајќи ги руските воени сили како ослободители.
Нејзината позиција на чело на руските медиуми наводно, пишува Би-си-си, ја направиле богата за што протекоа и документи кои сугерираат дека таа заработувала и по 12 милиони долари годишно.
Нема точни информации кога била нејзината прва средба со рускиот претседател, а познато е дека во 2001 година тој ѝ додели државен Орден за пријателство. Тогашната нивна средба е во времето кога Кабаева беше активна спортистка и, како што пишува Би-би-си, не е чудно некој кој важи за врвен олимпиец како неа да има средба со претседател на држава.

За нивната врска изминатите години имаше различни информации. Медиумските извештаи тврдеа дека имаат деца, но информациите за тоа колку деца имаат се различни.
Швајцарските медиуми пишуваа дека во 2015 година во швајцарска болница во близина на езерото Лугано таа родила момче, а четири години подоцна уште едно во истата болница. Но, „Сандеј Тајмс“ и „Волстрит журнал“, пак, пишуваа дека таа во 2019 имала породување, но во Москва и тоа со близнаци.
Кремљ, пак, ги демантираше ваквите медиумски написи, а од кабинетот на Путин рекоа дека овие информации „не соодветствуваат со реалноста“.
Едно од нејзините последни појавувања беше во април на натпревар за гимнастика за млади во Москва, каде таа имаше пофални зборови за воените напори на Русија.