Кој не плаќал, ќе мора да ги плати, кој бил на диво приклучен, ќе биде исклучен. Освен Слупчане и Арачиново има и други такви места каде што се решава работата затоа што никој не е должен да му плаќа на некој друг електрична енергија, вели Ковачевски

Нема потреба државата со своите институции да интервенира во липковското село Слупчане. Таму постојано има инциденти со екипите на ЕВН и освен тоа што се краде енормно количество електрична струја, не се плаќаат ниту сметките за струја. Но, тој проблем е надминат, вели премиерот Димитар Ковачевски додавајќи дека не се согласува со ставот на јавноста дека институциите немаат контрола во сите делови на земјата, посебно во оние населени места каде што се избегнува плаќање на струја.
„Не се работи за интервенција на државните институции, туку за спроведување на работењето на приватна компанија. ЕВН е приватна компанија која е странска директна инвестиција и која има обврска да испорачува електрична енергија до секое домаќинство во државата како универзален снабдувач. Со оглед на тоа дека во посоченото место имаше проблем со наплатата и со диво приклучување на електоренергетската мрежа, компанијата заедно со надлежното Министерство за економија имаа разговори со градоначалникот на Општина Липково. Според кажувањата на компанијата, градоначалникот и на самите жители, тој проблем е надминат“,
рече Ковачевски денеска одговарајќи на новинарско прашање при распределбата на социјални станови во Свети Николе.
Според Ковачевски, екипите на ЕВН наскоро ќе влезат во селото и ќе направат комплетен увид на тоа кој бил приклучен на диво и тој да биде исклучен.
„Кој не плаќал, ќе мора да ги плати, кој бил на диво приклучен, ќе биде исклучен. Освен Слупчане и Арачиново има и други такви места каде што се решава работата затоа што никој не е должен да му плаќа на некој друг електрична енергија“,
рече Ковачевски и додаде дека и во овие места понатаму ќе продолжи да се наплаќа електричната енергија како и во сите останати делови.
Жителите од липковските села Оризаре, Ваксинце и Лојане вчера останаа без струја. Причината, како што информираа од ЕВН во официјално соопштение, е поради голем дефект кој го предизвикале жители од соседно Слупчане, кои насилно влегле во енергетски објект во припадност на „Електродистрибуција“ обидувајќи се сами да го вратат напојувањето на струја во селото. Со ова, наместо да ја вратат струјата, тие предизвикале уште поголем дефект кој ги оставил без доток на електрична енергија трите соседни села.
Во официјалното соопштение ЕВН додаде дека жителите на Слупчане не дозволуваат операторот на дистрибутивниот систем да ги исполни своите законски обврски – да ја одржува, надградува и да постави системи за точно мерење на електричната енергија.
Подоцна од ЕВН рекоа дека дефектот во Слупчане ќе се санира за кратко време, откако добиле гаранции од министерот за економија Крешник Бектеши и од градоначалникот на Липково, Еркан Арифи, дека жителите на селото нема да ги спречуваат да работат на отстранување на дефектот на електричната мрежа и да започнат со поставување на нови мерни системи кои ќе овозможат точно мерење на електричната енергија.
Министерот Бектеши во изјава за медиумите вчера рече дека сите граѓани имаат обврска да плаќаат за потрошената електрична енергија.
Од ЕВН вчера рекоа дека без струја се оставени и жителите во скопско Студеничани како резултат на, како што беше наведено во официјалното соопштение, преоптоварување на двата нисконапонски изводи поради кражби и неконтролирано користење струја во тој дел од селото.
Од компанијата велат дека дефектот не може да се санира поради семејството Идризи од Студеничани, кое, како што додаваат од ЕВН, практично ги држи во заложништво другите 100 домаќинства без снабдување со струја.
Ова семејство, велат од компанијата, подолго време има оградено улици на подрачје од 30-ина куќи во селото, притоа спречувајќи ги екипите на ЕВН да го санираат дефектот.