Двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ денеска разменија ставови за процедурата во случај кога член на Владата (министер или заменик-министер) поднесува оставка. Ако се види Деловникот на Собранието, ниту опозициската ниту владејачката партија се прецизни
Ниту во Уставот, ниту во Деловникот за работа на Собранието постои правен институт (постапка) во која премиерот прифаќа или неприфаќа оставка од министер или заменик-министер. Премиерот, согласно Деловникот, оставката поднесена од министер или заменик, само ја доставува до Собранието, кое, пак, без претрес, треба да ја констатира на следната пленарна седница
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска на прес-конференција им даде рок на министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани да ги достават оставките во Собранието до вторник, за кога е закажана нова собраниска седница. Во спротивно, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе предлог во Собранието за нивно разрешување.
На ова од владејачкиот СДСМ му возвратија дека сака да профитира од трагедијата во Тетово и дека не го знае Уставот.
Од владејачката партија се повикуваат на член 94 од Уставот, наведувајќи дека ,,член на Владата може да поднесе оставка, но пред премиерот”.
„Претседателот на Владата може да предложи разрешување на член на Владата, а за предлогот за разрешување Собранието одлучува на наредната седница“,
пишува во реакцијата од СДСМ.
Мицкоски ја промаши адресата
Но, што вели Деловникот за работа на Собранието кога член на Владата поднесува оставка?
Во член 219 став 3 од Деловникот пишува дека оставка на член на Владата до претседателот на Собранието се поднесува преку претседателот на Владата.
Според тоа, Филипче и Хасани не би можеле да поднесат оставки до Собранието, како што побара денеска Мицкоски. Повикот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кога се чита Деловникот, требаше да биде упатен до премиерот – тој да ги достави оставките на министерот и заменик-министерот до Собранието, со цел да бидат констатирани.
СДСМ ја промаши процедурата
Од друга страна, пак, СДСМ во реакцијата, цитира одредби од Уставот што се однесуваат на разрешување на министер.
Од СДСМ, случајно или не, воопшто не се реферираат на одредбите од Деловникот во случај на оставка од министер или заменик. Дополнително, ниту во Уставот, ниту во Деловникот на Собранието постои правен институт (постапка) во која премиерот прифаќа или неприфаќа оставка од министер или заменик-министер. Премиерот, согласно Деловникот, оставката поднесена од министер или заменик, само ја доставува до Собранието, кое, пак, без претрес, треба да ја констатира на следната пленарна седница.
Министерот Филипче ја понуди, а заменик- министерот Хасани поднесе оставка на 10 септември, два дена по трагичниот пожар во кој загинаа 14 лица. Премиерот Зоран Заев вчера преку писмено обраќање порача дека ќе донесе одлука за оставките врз основа на фактите од истрагата, и за претстојнава недела најави прес-конференција на која, како што рече, ќе одговори на сите прашања.
Примери од минатото
Во изминативе години има повеќе примери кои ја илустрираат процедурата пропишана во Деловникот, во практика, во случаи на оставки на министри.
Во оваа анализа ви нудиме два примера – и двата се од 2015 година и се однесуваат на оставките на министрите во владите на Никола Груевски – Гордана Јанкуловска,, Миле Јанакиески и Иво Ивановски.
И во двата случаи, како што може да се види од факсимилите во продолжение, тогашниот премиер Груевски го известува тогашниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, дека ги примил оставките на Јанкуловска и Јанакиески (во првиот пример) и на Ивановски (во вториот пример) и предлага Собранието на првата наредна седница да ги констатира. Никаде не се споменува дека Груевски претходно ги прифатил оставките, бидејќи такво нешто како постапка и надлежност на премиерот не постои во ниеден акт.
Случајот со потонувањето на бродот „Илинден“
Има и други примери од минатото.
Трагедијата со тетовската модуларна ковид-болница може да се спореди со уште една трагедија што се случи во земјава – потонувањето на бродот „Илинден“ во 2009 година, кога загинаа 15 бугарски туристи, а тогашниот министерт за транспорт и врски, Миле Јанакиески, поднесе „неотповиклива оставка на функцијата“.
Како што може да се види од тогашните објавени информации, тој вели дека оставката ја поднел како чин на морална одговорност и за тоа телефнски го известил премиерот Никола Груевски. Несреќата се случи на 5 септември 2009 година, а Груевски изјави дека за оставката ќе се изјасни по празникот 8 септемри. На 10 септември Груевски соопшти дека не ја прифаќа.
Тоа предизвика жестоки реакции кај тогашната опозиција, која го критикуваше потегот на Груевски.
„Стана јасно дека наводната морална оставка на Миле Јанакиески беше само смислен блеф за замајување на македонската и светска јавност. Сведоци сме на уште еден кукавички обид на премиерот Груевски да избега од одговорноста и избра срамно од Кина да брифира дека не ја прифатил оставката. По ова нема никакви дилеми дека целата одговорност ја презема Груевски и никој друг“,
истакна портпаролот на СДСМ, Емилијан Станковиќ, и јавно праша што е тоа со што Јанакиевски го држи својот шеф Груевски за да не му ја прифати оставката.
Владејачките партии, пак, рекоа дека самата оставка на министерот Јанакиевски е високо морален чин, но сметаат дека таа не треба да биде прифатена затоа што тој немал директна вина во несреќата, додека за СДСМ, Македонија, под водство на Никола Груевски, станала банана-држава во која никој од ВМРО-ДПМНЕ не понесува одговорност за ништо.